Пратеникот Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил напиша дека вчерашната, според него, нарачана судска одлука за пуштање на бившата шефица на СЈО Катица Јанева во домашен притвор, за него покажало демант на манипулациите на премиерот Заев и неговата вмешаност во случајот „Рекет“.
“ПОДОБРО КАТИЦА ДОМА, ОТКОЛКУ ЗАЕВ ВО АРГЕНТИНА
За време на преговорите за Законот за обвинителство, премиерот во заминување Заев, се пофали дека тој е во координација со адвокатката Фрчкоска, бранител на обвинетата за “Рекет” Катица Јанева и дека според него контроверзната одлука потпишана од притвор за примопредавање на предметите од СЈО, од Јанева на Јовески, е потег што ќе создаде услови за пуштање на Катица во домашен притвор. Сите беа изненадени од исказот. Како правник и пратеник решив да ја известам јавноста за ваквото скандалозно мешање на премиерот во судството, а после мојата изјава следуваше канонада од напади лично од премиерот во заминување Заев, како и од неговата владина служба за пропаганда, дека ширам лажни вести. Но, вчерашната нарачана судска одлука за пуштање на Катица Јанева дома беше конкретен демант на манипулациите на Заев.
Но, многу подраматично за Македонија е што преку оваа одлука и случајот “Рекет” се откриваат три битни недостатоци во правосудниот систем.
1. Прво, за најкрупните криминални случаи во кои се вмешани и функционери, како што е “Рекет”, одлуките за притвор, ослободување од притвор, преформатирање на телефони, прикривање на докази, влијание врз сведоци и одлуките кој се треба или не треба да биде опфатен со истрагата, обвинителството и судот ги носат во тесна координација со премиерот во заминување Заев, што е деградирање на поделбата на власта и владеењето на правото.
2. Второ, очигледно е дека премиерот во заминување е главниот координатор на одбраната на обвинетите во мега-скандалот “Рекет”, што отвора сомнеж дека во оваа криминална афера и Заев бил дел од групата државни функционери која ги давала насоките за дејствување на тројцата обвинети рекетари, со цел таа група противправно да се здобие со лична имотна корист, да обезбеди спонзорство во кеш за партијата, како и нелегално да финансира медиум.
и 3. Истрагата и обвиненијата за Рекет беа потег изнуден од притисокот на јавноста преку еден “суетен” македонски и еден “суетен” италијански новинар, а самата афера потоа беше комуницирана пред меѓународната јавност за дел од повлијателните дипломати во Скопје и во Брисел да бидат изманипулирани дека за скандалот Рекет треба да известуваат како за случај каде владата во Македонија се бори против криминалот, а не како за случај каде владата и премиерот Заев се дел од криминалната шема за ракетирање.
И на крајот, откако помина самитот во Брисел, не се доби датумот кој лани се прославуваше, откако е лоциран кривецот во Париз и наближуваат изборите на кои Заев ќе се збогува од влијателната премиерска позиција, следи втората фаза во случајот Рекет, а тоа е политичка контрола на текот на судењето, кое за јавноста треба да изгледа законито, но пресудите мора да се однапред усогласени меѓу Заев, Катица и главниот обвинител. Заев е свесен дека Катица Јанева премногу знае за шемата според која се рекетирале стопанственици и се уценувале пратеници и кој И ги давал насоките за дејствување на телефонот што го “изгуби”. Веројатно затоа премиерот и неговите судии одлучиле дека е подобро Катица да оди дома, отколку Заев да оди за Аргентина“, напиша Милошоски на Фејсбук.