Поранешната ѕвезда во НБА-лигата, Делонте Вест по крајот на кариерата падна на дното и стана бездомник, па сега проси по улиците на Далас.
Овој 38-годишник изгледа непрепознатливо, откако ги потроши милионите заработени во текот на кариерата, па сега се дрогира и проси.
Газдата на Далас Маверикс, Марк Кјубан го испрати Вест на рехабилитација, а му помогна и поранешниот соиграч Леброн Џејмс.
Меѓутоа, очигледно ниту тоа не е доволно за да се опамети, па повторно се појавија видеа од кошаркарот како проси на улица.
Едно момче објави видео од Вест на бензинска пумпа како разговара со него и се обидува да му објасни дека останал без пари.
Мајката на ова момче го прашала дали ги инвестирал своите пари во нешто по кариерата, а потоа Делонте започнал да зборува.
„Се погрижив за својата фамилија и за нивните деца и секој од нив да посетува колеџ. Се погрижив секој од нив да има свој дом“, рекол Вест, а потоа мајката го прашала како е можно никој од нив да не му се оддолжи за сето тоа.
„Се борам сам. Не барам ништо за возврат“, кратко додал кошаркарот.
Делонте Вест во 8-годишната НБА кариера играше за Бостон Селтикс, Сиетл Суперсоникс, Кливленд Кавалирс и Далас Маверикс. Беше кратко во Кина и Г лигата каде во 2015 година ја заврши кариерата.
Во текот на својата кариера во НБА, Делонте заработил околу 16 милиони долари.