Зоран Михајлов
Во кајак на диви води спортистите од Македонија беа супериорни во поранешната држава во еден подолг период, почнувајќи од средината на 50-тите, па се до 1975 година кога на Треска (слалом) и на Радика (спуст) се одржа Светското првенство. Во тој 20-годишен период главен адут беше Трајко Јовковски, кој освои девет титули државен првак со што ги потисна на втор план кајакарите од Словенија, кои до неговата појава беа доминантни на поранешните ју-простори. Потоа, за уште малку Словенците да се помачат и потешко да дојдат до титулите, се појавува Миле Спасовски, уште еден македонски шампион, кој им создаваше многу маки на конкурентите и секогаш беше за „весло“ пред нив.
-Јовковски беше мојот идол, вели Спасовски. Кога ќе одев на Вардар кај поранешната Градска плажа се воодушевував на неговото веслање и на мајсторството со кое минуваше низ вратите. Тој како да „лебдеше“ во воздух и со голема леснотија ја совладуваше брзата матица. Така, гледајќи го него во друштво со Контраденко и Чемерикиќ, кај мене се јави желба и јас да почнам да веслам.
Миле Спасовски набрзо станува член на КК „Моша Пијаде“, кој беше стациониран до соблекувалните на Градската плажа. Тука ги направи и првите завеслаи на Вардар, за потоа да продолжи во КК „Мирче Ацев“ – клубот во кој членуваа тогашните шампиони.
-Во летната сезона во „Моша Пијаде“ немаше активности, па затоа, бидејќи веќе без кајакот не можев, отидов во „Мирче Ацев“. Неговите кајакари работеа во текот на целата година, а токму тоа мене ми требаше. Дојдов во малиот хангар под северната трибина на Градскиот стадион, каде што беше и работилницата за изработка и одржување на тогаш популарните кајаци наречени „Вардарки“ и прашав дали може да тренирам со кајакарите од овој клуб. Економот ме познаваше и ми рече дека нема никаков проблем, дури ме внесе внатре во хангарот да одберам кајак. Меѓутоа, при влегувањето ми напомена: овие кајаци десно не се за тебе! После сфатив дека тоа беа кајаците на веќе афирмираните кајакари, бидејќи на секој беше испишано нивното име. Ти одбери некој кајак од овие лево. Тоа го сторив и веднаш потоа се најдов на водите на Вардар. Оттогаш, тоа беше некаде во 1965 година, почнав редовно да тренирам во текот на целата година и да мечтаам за настапите во првите натпревари.
ШАМПИОНСКАТА ТРОЈКА НА „МИРЧЕ АЦЕВ“
Во „Мирче Ацев“ во тој период, кога Спасовски пристапи во овој клуб, покрај оние споменатите шампиони имаше и двајца од помладата гарда –Тарас Шевченко и Љубомир Василевски-Попе. Двајцата отскокнуваа по квалитет од другите нивни врсници, се бараше само третиот кајакар горе-долу со приближен квалитет на нивниот, за да се формира една тројка за тимскиот натпревар во К-1 (кајак едносед).
-Кога дојде Миле во клубот, раскажува Василевски, веднаш видовме дека се работи за талентирано и амбициозно момче. Не му требаше долго време да се израмни со нас по квалитет, па дури и да не надмине. Уште тогаш ни стана јасно дека ќе биде голем кајакар.
Така, уште во првите месеци Спасовски станува лидер во екипата на „Мирче Ацев“, а веќа почна да настапува и на сојузните натпревари – за клубот, но и за репрезентацијата на Македонија.
-Во 1967 година на Тацен на Сава, крај Љубљана, бев четврти на младинското првенство на Југославија. Овој резултат потврди дека на претходниот натпревар, што беше и мој прв настап во кариерата на Треска кај Матка, не случајно бев втор зад неприкосновениот Јовковски.
Трката на Сава беше индикатор дека во младото момче од Дебар Маало, каде што Миле Спасовски долги години живееше, се крие голем потенцијал. Стана јасно дека се работи за талентиран спортист пред кој претстои убава кариера.
И навистина така беше: Спасовски веќе следната година на младинското првенство на Југославија го освојува првото место, а триумфираше со своите другари Шевченко и Василевски и во тимското возење 3 пати К-1.
-По овој триумф пораснаа и моите спортски апетити. Бев „гладен“ за освојување титули, за победи, за докажување и во сениорска конкуренција. Трајко Јовковски во тие години беше на залез од кариерата и си помислував дека убаво би било јас да бидам тој што ќе тргне по неговите стапки. Младинската титула многу ми значеше. Таа придонесе да ми биде отворена вратата и на сениорската репрезентација на Југославија, во која се најдов веднаш по настапот во Тацен. Ми беше соопштено дека треба да се подготвувам за Светското сениорско првенство во Бург Сент Морис во Франција -1969, значи една година откако станав младински шампион на Југославија.
Пласманот на тоа првенство, кое се одржа на една од најдивите и најплитки патеки, беше некаде околу 20-тата позиција. Тоа за еден млад натпреварувач беше одличен резултат. Потоа, Спасовски учествуваше уште на три Светски првенства – во Цвикау (ДР Германија), Мерано (Италија) и во Скопје-1975 година, кога настапи само во тимското возење и беше 5-ти, заедно со своите другари. Но, неговото задоволство беше најголемо – кога во Мотатал (Швајцарија) во 1972 година, пред Олимпијадата во Минхен, ја мина бариерата и како спортист кој во континуитет постигнува добри резултати на меѓународните регати, беше вклучен во олимпискиот тим на Југославија
СЕ БЕШЕ КАКО ВО УБАВ СОН
Миле Спасовски, како тоа да беше вчера – убаво се сеќава на моментот кога ја прими веста дека е сигурен патник на ОИ во Минхен.
-Сето тоа беше како еден убав сон. Просто не ми се веруваше дека ќе учествувам на Олимпијадата, на која за прв пат во програмата е кајакот на диви води. Од тој аспект мојот настап таму имаше и историско значење. Не сакав да испуштам ниту еден миг, се подготвував и го чекав денот за олимписката трка. Инаку, една година порано во 1971 јас со репрезентативните колеги настапив на предолимписката регата на првата вештачка патека во тоа време во светот, во Аугзбург недалеку од Минхен. Добро ја запознав патеката, но тогаш и не помислував, а и не верував дека тука ќе се вратам веќе следната година и ќе се натпреварувам во олимписка конкуренција.
– Пред Олимпијадата, продолжи Спасовски, сите учесници од Југославија на овој најголем светски спортски собир бевме поканети во Белград. Тогаш за прв пат почувствував што значи да си олимписки репрезентативец. Ни беа укажани сите почести, а добивме свечена и спортска облека со симболите на поранешна Југославија. Се чувствував пријатно, бев горд и решен да не ги разочарам оние што веруваа во мене.
Во тоа време, кога требаше да тренира по два, па и три пати на ден Спасовски беше вработен во ГП „Бетон“. И овде тој наиде на разбирање кај раководните структури на претпријатието и му беше овозможено непречено да тренира и да се подготвува за олимпискиот настап.
Конечно, по 20-дневниот престој во Минхен и секојдневните тренинзи во Аугзбург, дојде и тој долгоочекуван ден-за старт во дотогаш најзначајната трка на Миле Спасовски.
-Пред првата трка, што беше нормално имав вообичаена трема. Меѓутоа, бидејќи пред стартот нашите кајаци ги држеа судиите, за да не запловат пред време по течението на реката, мојот кајак го држеше еден Полјак. Во меѓувреме со него и помуабетив, колку да ми мине тремата. Тоа добро ми дојде, ме ослободи, а кога дојде моментот за старт тргнав по дивата патека. Во тие моменти ми навираа секакви мисли, дури се сетив и на минатта година кога прв пат дојдов овде и кога тренерот ни рече дека за да ја запознаеме подобро патеката, најнапред ќе треба да запливаме по неа. Јас бев првиот што се фрлив во водата, се сеќавав на тој момент и на алгите кои беа прилепени на гребените на дното од реката. Овој пат ситуацијата беше поинаква, посериозна-ова беше натпревар за олимписки медал. Во првата трка некаде кај последните врати направив една грешка и добив 5 негативни поени што значеше 5 секунди плус на постигнатото време. Тогаш за конечниот пласман не се собираа времињата од двете, туку пласманот се одредуваше според резултатот од подобрата трка. По првото возење бев шести. И самиот бев изненаден, но и охрабрен. Остануваше уште втората трка. Знаев дека на крајот ќе имам висок пласман и некако олабавено влегов во втората сеанса. Тоа, како да ми се одмазди и веќе на втората врата, дојде до мала деконцентрација – ја загубив линијата на движење и направив грешка кај вратата. Тоа беа 20 казнени поени и веќе ми беше јасно дека е загубена шансата за медал. На крајот кога се сумираа сите резултати бев 9-ти. Сите од стручниот штаб и од водството на репрезентацијата беа задоволни од мојот настап на Олимпијадата, единствено јас не бев – зашто сметам дека можев да се пласирам повисоко, дури да атакувам и на медал. Но, ете таква ми била судбината.
Истата година Спасовски беше прогласен за најдобар спортист на Македонија. Неговиот настап на ОИ беше оценет како успешен, а резултатот највреден што дотогаш го постигнал еден македонски спортист во поединечните спортови на Олимпијадите. По Минхен се чинеше дека Спасовски во исто темпо ќе продолжи натаму, но дојде заминувањето во ЈНА, кое го оддалечи од водените патеки. И покрај ветувањата од одговорните во Кајакарскиот сојуз – дека и таму ќе може редовно да тренира, до тоа не дојде и така опадна неговата форма. На СП во Скопје во 1975 година настапи повеќе формално само во тимското возење. По тоа првенство дојде до големо разочарување кај него и набрзо потоа престана активно да се занимава со кајакот на диви води.
Лична карта – Миле Спасовски
Роден 1951 година во Скопје
Кариера: КК „Моша Пијаде“ и„ КК Мирче Ацев“од Скопје
Успеси: Деветти во кајак-слалом на Олимпијадата во Минхен 1972, првак на Југославија во младинска и сениорска конкуренција, учесник на 4 Светски првенства