Легендарниот британски рок-состав „Ролинг стоунс”, ја продолжи својата турнеја низ Европа и Велика Британија како прослава на 60-годишниот јубилеј, откако нивниот фронтмен неодамна беше позитивен на корона вирусот.
Стоунси минатата недела одложија две свирки во Амстердам во Холандија и Берн, Швајцарија поради лошата здравствена состојба на нивниот фронтмен. Датумот во Амстердам е поместен за следниот месец, а швајцарската свирка е откажана.
Турнејата продолжи со настапите во Милано (20 јуни), а моментално се во Виена каде вечерва ќе одржат концерт на стадионот Ернст Хапел. По тој повод Мик Џегер сподели фотографии од Виена, а најголемо внимание кај публиката привлече фотката направена пред киоскот Босна, познат по добрите ќебапи.
На својот Твитер-профил, во описот на фотографиите, Мик само накратко напиша „Виена навечер. Се гледаме на шоуто“.
За потсетување, првиот настап одржан во Британија, како дел од јубилејната турнеја, беше посветен на починатиот тапанар Чарли Вотс.
Бендот, составен од Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд, на кои им се придружи Стив Џордан на тапани, се врати на сцената во Велика Британија на фудбалскиот стадион Енфилд во четвртокот.
Како што пренесуваат британските медиуми, концертот бил отворен со видео во знак на почит на Вотс, кој почина на 24 август минатата година на 80-годишна возраст.
Обраќајќи се на толпата, Џегер рече дека во 1962 година членовите на бендот се сретнале со тапанарот Чарли Вотс.
„Ова е наша прва турнеја во Англија што ја направивме без него, па би сакале овој настап да му го посветиме на Чарли“, изјавил Џегер.