Поранешниот аргентински претседател Алберто Фернандез е обвинет за напад и нанесување тешка повреда на неговата поранешна партнерка Фабиола Јанез, пренесоа светските агенции.
Минатата недела Јанез, која има 43 години, поднесе жалба против Фернандез, кој има 65 години. Тие живееја заедно десет години.
По поднесувањето на жалбата, поранешниот претседател не можел да ја напушти земјата.
Фернандез беше на чело на Аргентина од 2019 до 2023 година. Фабиола Јанез моментално живее во Шпанија.
Во вторникот, поранешната прва дама на Аргентина беше сослушана по нејзината жалба од судија во Буенос Аирес. Во писменото сведочење пред ова рочиште таа вели дека била подложена на малтретирање, на потсмев, на агресија, на удари, на понижувања кои биле постојани. Таа беше и жртва на вербално малтретирање речиси секојдневно.
Аргентинскиот весник „Инфобае“ објави фотографии на кои Фабиола Јанез е со црно око и модринки на раката. Според локалните медиуми, семејното насилство и напади започнале уште во август 2021 година. Јанез, која е новинарка и актерка, го документирала злоставувањето и му ги испратила фотографиите на Фернандез.
-Не можеме вака да функционираме, постојано ме удираш, не можам да дозволам да ми го правиш тоа кога ништо не сум ти направила. Без изговори. Ме тепаш три дена по ред – напишала таа.
Фернандез и рекол да престане да пишува така.
Алберто Фернандез ги негира овие наводи и ветува дека ќе приложи докази за да ја докаже неговата невиност. Тој вели дека никогаш во животот не удрил жена.
Откритијата ја скандализираа аргентинската јавност. Ултралибералниот претседател Хавиер Милеи го критикуваше „прогресивното лицемерие на перонистите“ и рече дека Фернандез, кој се претставуваше како бранител на феминизмот, ја удрил својата поранешна сопруга.