Професор д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет, за „Слободен печат“ тврди дека во Македонија се проценува дека контакт со вирусот имале веќе 7 до 10 пати повеќе граѓани од официјално регистрираниот број.
– Ако на 10 јануари сме имале вкупно околу 85.500 случаи, тогаш едноставната пресметка покажува дека реалниот број се движи меѓу 600 илјади и 860 илјади луѓе. Реалната големина на популацијата во Македонија, според податоците на Управата за електронско здравство при Министерството за здравство е 1.6 милиони. Произлегува дека во моментов процентот на колективниот имунитет е од 37.5 до 54 проценти. За да сопре епидемиското ширење до ниво на спорадично јавување, потребно е да се достигне таканаречениот праг на колективниот имунитет од 60 проценти или еден милион луѓе. Ако не се случи некое поголемо покачување на бројките во текот на овој месец заради празниците што поминаа и што претстојат, при сегашната динамика, прагот би требало да се достигне за 60 до 100 дена. Без вакцина. Само заради контакт со вирусот. И со сите тажни последици, имајќи предвид дека леталитетот е близу три проценти. Оттаму, вакцината е потребна за да се спречат тешките последици од заразување со вирусот. Особено за изложените и ризичните групи, здравствените работници, хронично болните и постарите од 65 години, – изјавил професор доктор Даниловски.