Руската агресија против Украина започна на 24 февруари. Владимир Путин тоа го опишува како „специјална воена операција во Донбас“. Во таа војна загинаа и руски војници.
Тие, како и членовите на нивните семејства, очигледно често до последен момент не знаеле каде ќе бидат испратени, пишува Дојче веле.
Од почетокот на војната, пред нешто повеќе од еден месец, руското Министерство за одбрана само двапати ја информираше јавноста за бројот на загинати. Според овие информации, заклучно со 25 март во Украина биле убиени 1351 руски војник.
Во реалноста, таа бројка може да се движи меѓу 7.000 и 15.000, според Вашингтон пост, повикувајќи се на податоци добиени од висок претставник на НАТО. На 20 март рускиот весник Комсомолскаја Правда, повикувајќи се на Министерството за одбрана, објави дека во Украина биле убиени 9.861 војник. Но, следниот ден содржината со таа информација е отстранета со образложение дека се работи за хакерски напад.
Рускиот војник под договор, Евгениј со чин постар наредник загинал во близина на Киев во првите денови од војната. 26-годишникот никогаш претходно не учествувал во борбени операции. Пред војната, тој служел во Националната гарда, која ги растурала протестите во Москва. Подоцна работел како кинолог или експерт за кучиња.
До јануари оваа година, неговата мајка Наталија (вистинското име е сменето), воопшто не била заинтересирана за настаните во Украина. Иако сега го загуби синот, таа – како и руските власти и државните медиуми – ја оправдува руската инвазија на Украина. Сепак, Наталија смета дека ова е вистинска војна, а не „специјална операција“.
ДВ реши да го објави интервјуто со неа како сведоштво на мајка која го загубила синот во војната што Русија ја започна против Украина.
Протагонистката на интервјуто дава изјави за причините за војната кои се спротивни на моменталната состојба. Но ДВ реши да ги стави во текстот. Нејзините изјави се јасен доказ за долгогодишната работа на руската државна пропаганда.
На прашањето како се чувствува, Наталија одговара дека и е исклучително тешко и дека страшно ја боли, но вели: „Што да правам, синот никој нема да ми го врати“.
„Веднаш по завршувањето на училишните испити во 2014 година синот отиде во војска. Бил припадник на специјалната единица на воената разузнавачка служба ГРУ. Подоцна бил префрлен во друга специјална единица во друг град. Уште тогаш му беше понуден договор. Некако успеав да го разубедам бидејќи тоа сепак значеше одење на задачи во кризните области.
Потоа залудно се обидувал да се вработи во истражниот затвор. Потоа се пријавил за работа во полиција и работел во службата за обезбедување. Но, работата не му се допаднала и затоа решил да го потпише договорот. Дознал дека „купувачите“ ќе дојдат од Москва и ќе вршат регрутирање во блиското место. Веднаш беше примен и ни остана само една вечер да се поздравиме. Евгениј служел во Националната гарда. Многу му се допадна и стана наредник на неговата група. Тој ги растури демонстрациите во Москва. Беше распореден и во Калининград три месеци бидејќи таму беа планирани протести.
Потоа рече дека му е доста од тоа и во 2017 година се пресели во Кинолошкиот центар на Националната гарда и доби син. Со сопругата се познава од времето кога работел во осигурителната служба.
Беше крајот на јануари, околу 25/26. Синот ми се јави и рече дека ги испраќаат во Смоленск (град во западна Русија, на околу 79 километри од границата со Белорусија) на воени вежби со Белорусија. Прашав: “Дали ме лажеш? Какви маневри?” Истражував на интернет и навистина видов дека има воени вежби со Белорусија, но и дека се завршени. Продолжив со потрагата и сакав да дознаам каде е нашата воена мисија. Мислев на Казахстан. Не ни размислував за Украина. Дури следниот ден ми падна на памет дека во Украина се случуваат немири.
Да. Му реков на Евгениј дека не сум глупава и дека мислам дека нема да оди во Смоленск. Побарав да го фотографираат на железничката станица во Смоленск. Тој се насмеа на тоа. Истражував понатаму и ми стана јасно дека оди во Украина. Мене ми беше јасно дека нешто конкретно се случува таму.
Секако дека сакав да го разубедам. Реков дека можеби нема да се врати. Тој одговори: “Што зборуваш?” Воопшто не бил свесен каде го праќаат. Или им бил толку испран мозокот што мислеле дека одат на маневри, или знаел, но не можел да замисли дека ќе има такво крвопролевање. Веројатно никој не го помислил тоа, дури ни самиот Путин. Нешто тргна наопаку.
Кога го вратија мртов, се прашував зошто не отидов во Москва да го разубедам. Можеби не му беше јасно, но мене ми е. Многу ме сакаше и можев да му го одвлечам вниманието со вистински расправии. Но, секогаш кога имал намера за нешто, одел до крај. Никогаш не би одбил наредба. На крајот, тој замина како дел од специјалната единица. Евгениј беше единствениот распореден од неговата единица, бидејќи недостасуваше кинолог.
Тој замина на 13 февруари. На шега го прашав дали му се допаѓа Смоленск и што имаат да јадат. Тој се насмеа и ми рече дека се е во ред. После тоа контактиравме уште три пати, но помалку од една минута. Тој рече дека е жив и здрав. И секогаш велеше дека сака да и се јави на сопругата.