Американските доктори денес ја дадоа првата доза од експерименталната вакцина за новиот коронавирус Ковид-19. Со вакцинирање на првите доброволци, научниците од истражувачкиот институт Кајзер Перманенте од Вашингтон го означија започнувањето на првата етапа од развивање на вакцина за заштита од новиот вирус Ковид-19, пренесува „Асошиејтед прес“.
Првиот волонтер е Џенифер Халер, која со волонтирањето за вакцинирање сакала да даде мал удел во борбата против вирусот.
– Сите се чувствувавме беспомошно. Ова е можност да сторам нешто за да помогнам во борбата и затоа сум среќна што сум овде – изјави 43-годишната Халер од Сиетл, САД, пред да биде вакцинирана.
Нејзините две деца мислат дека нивната мајка е кул што учествувала во истражувањето.
– Се чувствувам одлично – изјави Халер со голема насмевка на лицето додека ја напушташе собата за вакцинирање.
Експерименталната вакцина ќе биде тестирана на 45 волонтери, кои ќе добијат две дози со временска пауза од еден месец.