Браќата Леандро, Кристијано, Енцо и Вилијам живееле во нечовечки услови сосема несвесни за светот во кој живеат.
Леандро, Кристијано, Енцо и Вилијам се родени во сиромашниот дел на Бразил. Бидејќи повеќе не можела да ги храни, мајката ги исфрлила на улица сами да се снаоѓаат најдобро што знаат. Најстариот, Леандро, тогаш имал само шест години, а најмладиот, Вилијам, нешто помалку од две години. Но, Леандро решил да ги заштити своите браќа и тие не се разделувале ни за момент. Станале питачи на улица, а храна наоѓале во контејнер.
По некое време, тие завршиле во сиропиталиште во бразилскиот град Паулиста. Ни во домот немале доволно храна, но барем имале каде да преспијат во текот на ноќта. Во текот на денот, и понатаму проселе на улица, претурајќи по контејнерите во потрага по храна што другите ја фрлале.
Токму таму, додека проселе на улица, Брендон и Џенифер Прат, пар од Ајова кои биле на патување низ Бразил, ги виделе за прв пат. Четирите црномурести и слатки момчиња ги освоиле на прв поглед, па не можеле да ги остават тукутака.
– На прв поглед и Џенифер и јас расплакавме. Веднаш, без никаков сомнеж, знаевме дека тоа се нашите момчиња – изјавил Брендон неколку години подоцна.
Секој ден ги посетувале, им носеле храна и облека и некако успевале да се разберат. Момчињата ги однеле во сиропиталиштето кое било нивен дом, и каде Брендон и Џенифер дознале што се случило со момчињата. Длабоко трогнати од судбината, решиле да ги посвојат, сите четворица, бидејќи браќата не се согласувале да бидат разделени по никоја цена.
Најголем проблем била јазичната бариера. Момчињата не знаеле ни збор англиски, а парот од Америка не знаел да зборува португалски. Сепак, некако се разбирале со момчињата. Иако биле сираци, строгите бирократски правила го отежнале посвојувањето, па Џенифер побарала помош од својот зет адвокат, кој исто така знаел португалски. Момчињата морале да поминат и здравствени контроли, и за чудо биле исклучително здрави, иако практично живееле на улица.
Откако конечно и легално им станале родители, Бредон и Џенифер ги одвеле со себе во Америка. Пред тоа, со нив го посетиле Рио де Жанеиро и сфатиле дека момчињата немаат поим во каков свет живеат. Беа исплашени и воодушевени од подвижните врати кои дотогаш не ги виделе. Исто така, обичните работи, како возењето со автобус, за нив било прекрасно искуство, а кога стигнале на аеродром, децата подзинато гледале во авионот, пишува на веб-страницата Bright Side. Тоа, како што открила Џенифер, за нив било шокантно и застрашувачко.
Пристигнувањето во Ајова за децата од Бразил подразбирало сосема поинаков живот. Нивната радост кога за прв пат виделе снег била неопислива. Набргу тргнале на училиште, а потоа сите четворица почнале да се занимаваат со фудбал. Како што минувало времето, веќе ни јазикот не им претставувал проблем.
– По шест месеци живот во Америка почнаа да зборуваат само англиски. Тоа се случи одеднаш, во еден момент тие престанаа да зборуваат португалски, дури и еден со друг, и зборуваа на англиски. Сега дури и кога ќе ги прашам нешто на португалски, тие одговараат на англиски. „Мислам дека тие одлучија дека е подобро да знаат англиски кога нивниот живот е овде“, изјавил Брендон.
Четири години подоцна, Леандро, Кристијано, Енцо и Вилијам пораснале, а судејќи по фотографиите што ги објавил нивниот татко Брендон, тие се среќни и задоволни од животот во Америка. Сепак, Џенифер открива дека со нив често зборува за Бразил, бидејќи не сака да ги изгубат корените.
– Би сакала еден ден да го посетиме Бразил. Впрочем, тоа е земјата во која се родени и важно е да знаат кои се и од каде доаѓаат – заклучила таа.