Истрагата за случајот „Рекет“ се проширува на уште четири лица за перење пари и помагање во делот на измамата, најави денеска јавниот обвинител Љубомир Јовески. Тој додаде дека дел од досега обвинетите, без да открие кои, барале да се постигне спогодба.
Според него истрагата се проширува со четири физички и едно правно лице, при што обвинителството ќе побара притвор за едно од нив а превентивни мерки за останатите.
Четворицата биле вмешани во трансферот на парите во износ од 720.000 евра преку две фирми до „Меѓународниот сојуз“.
Проширувањето на истрагата за невладината на Боки 13, доаѓа ден пред покренување на обвинение за случајот „Рекет“. Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а едниот од нив се сомничи и за перење пари. Според обвинителството, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен за да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.
Јовановски и Јанева се во притвор во затворот „Скопје“, а Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот е во домашен притвор