По објавувањето на веста од страна на македонското Министерство за здравство дека евентуално мала количина вакцини против Ковид-19 во Македонија би пристигнале дури идниот месец од Астразенека, голем број граѓани аплицираат електронски за да се вакцинираат во Србија, објави „А1он“.
Иако официјалниот став на српските власти е дека засега само лица со српско државјанство можат да се пријават и да изберат со која вакцина сакаат да се вакцинираат, македонските државјани на секој можен начин се обидуваат да стигнат до вакцина. Во електронската српска апликација за вакцинација во Србија, постои можност да се пријават граѓани кои се странски државјани кои немаат престој во Србија, па токму оваа опција ја користат Македонците. Единствениот проблем е тоа што се бара српски телефонски број, па голем број граѓани бараат помош од нивните пријатели и роднини во Србија, со цел да си ја пробаат среќата и да стигнат до вакцина.