Марјан Начевски е исклучен од Ракометната федерација на Македонија. Ваквата санкција е највисока според Дисциплинскиот правилник на РФМ, а Марјан Начевски е еден од ретките високи функционери во ракометниот спорт кој се соочил со неа.
Тој е долги години дел од раководните структури на федерација и на други спортски организации во земјава – долгогодишен поранешен генерален секретар на РФМ, своевремено најдобар македонски меѓународен судија со повеќе од 500 меѓународни натпревари и уште толку како делегат меѓу кои дваесетина финалиња и две полуфинални средби и мало финале на Олимписки игри.
Ракометната федерација на Македонија, денеска објави декa врз основа на Дисциплинскиот правилник, како и Статутот на РФМ, Првостепената дисциплинска комисија на 7 мај донела две одлуки, од кои едната се однесува на Начевски, а другата неповзразана со претходниот случај е санкција за Агрон Хајредин.
Од своја страна Марјан Начевски не го негира настанот во спортската сала „Борис Трајковски“ и потврдува дека имал дискусија со поранешната ракометарка Мирјета Бајрамоска. Тој вели дека и двајцата биле гледачи и се сретнале на трибината по натпреварот меѓу Македонија и Литванија одигран во март во рамките на квалификациите за бараж за СП.
„Гледајќи го натпреварот, не можев да издржам и искоментирав дека на репрезентацијата и е потребен натурализиран играч за да може да се квалификува на Светско првенство. На тоа Бајрамоска ми возврати дека не ни требаат странци кои ќе бидат скапо платени и ќе ги земаат премиите како што на времето биле неколку натурализирани ракометарки. Јас и одговорив дека тие, а покрај нив и нашите ракометарки земале премии, затоа што имале резултати. Потоа таа ми рече дека сега се работи поинаку, дека се патува со чартери, на што јас вратив дека ние имавме помош од 14.000 евра од државата, а сега еден милион…“, вели Начевски.
Тој тврди дека не употребувал навредливи зборови против федерацијата, нејзините водечки личности, против репрезентациите, спортистите, а најмалку за државата.
„Па зарем јас кој бев единствен спонзор на РФМ седум години кога ракометот беше спорт број осум и кога никој во државата не сакаше да се занимава со него ги создавав овие репрезентации и ги сметам како мои деца сега ќе си дозволам да ги навредувам?! Не точно ниту дека сум се свртел кон ложата и сум навредувал. Во ложата немаше никого, затворена беше. Жртва сум на изјава на Мирјета Бајрамоска “, посочува Начевски.
Вели дека бил повикан во просториите на федерацијата, каде требало пред Дисциплинската комисија да даде изјава.
„Таму беа присутни двајца челнови на комисијата, претседателот Димитар Ристовски и членот Драги Огненовски, а за третиот член Влатко Мицев ми кажаа дека е болен и не е во состојба да присуствува. Записничар беше Елена, вработена во РФМ. Не се легитимираа, а јас не го познавам претседателот. Прв пат го видов во федерацијата, а на натпревар досега не. Јас се изјаснив дека барам да ми биде доставена пријавата од Бајрамоска и барав да ми биде образложено по кој член сум сторил прекршок и каква казна за тоа се предвидува, за да можам да се бранам. И затоа побарав одложување за друг ден, за да ангажирам адвокат и да подготвам одбрана. Побарав пауза од пет минути, што беше дозволено, претседателот ја напушти просторијата и отиде кај г. секретар.
До тој момент сите дискусии беа максимално коректни од двете страни. По тоа ми се обрати со повисок „Ако сакаш дади изјава, ако не – не. Јас останав на мојот став, по што состанокот заврши. Побарав записник, за да го потпишеме на што ми беше одговорено дека ќе го добијам на меил. На маил ја добив одлуката, без да бидам соочен со Бајрамовска, без да бидат изведени сведоци“, вели Начевски.
Не сум употребувал навредливи зборови и закани ниту на сон. Дали јас заслужив да одам од ракометот, на овој начин, по се што сум направил, нека оцени македонската јавност“, подлече Марјан Начевски.
Случајот не е затворен. Начевски најави жалба до второстепената комисија на РФМ, против Мирјета Бајрамоска тужба за клевета и дека за случајот се информирани ЕХФ и ИХФ.