Марјан Начевски, делегат и контролор во РФМ и Аргон Хајредин, овластено лице на РК Работнички, од страна на Првостепената дисциплинска комисија добија доживотна забрана за вршење на дејност во ракометот.
На официјалната страница на „куќата на ракометот“ се објаснети причините за ваквите казни, двете лица ќе имаат право на жалба во рок од седум дена.
Врз основа на Дисциплинскиот правилник на РФМ, според член 77, член 79, член 81 и член 85, како и Статутот на РФМ, Првостепената дисциплинска комисија на Ракометната Федерација на Македонија на ден 7 мај 2021 донесе две одлуки како следи:
На Агрон Хајредин, овластено лице на РК Работнички му е изречена дисциплинска санкција: исклучување од Ракометната Федерација на Македонија врз основ на дисциплински престап пријавен од страна на комесарот за натпревари при РФМ, Славе Николов. Како причина за поднесената пријава наведено е некореспондирање на содржината на барањата од ракометните клубови за промена на системот на натпревари презентирани на Изборното собрание на РФМ одржано на 31 јануари 2021 г., во однос на фактичките дописи од клубовите испратени по истиот основ.
На Марјан Начевски, делегат/контролор во РФМ изречена му е дисциплинска санкција: исклучување од Ракометната федерација на Македонија врз основ на доставена пријава од член на УО на РФМ и поранешна репрезентативка Мирјета Бајрамоска. Како причина за поднесената пријава наведени се вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, од страна на пријавениот, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчите, и други личности прозвани во отсуство, за време на меѓународен репрезентативен настап, на кој пријавениот присуствувал без соодветна акредитација. При давањето исказ пред Дисциплинската комисија на РФМ, пријавениот продолжил со истата недолична реторика обраќајќи се кон претседателот на комисијата агресивно, со висок тон, навредувачки и недолично употребувајќи вокабулар од типот: “ќе те колам”.
Против двете горе наведени одлуки на Првостепената дициплинска комисија може да се достави жалба до второстепениот орган во рок од 8 дена од донесувањето на одлуката“, се вели меѓу другото во известувањето на РФМ.