Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и владиниот советник за односи со јавност Марјан Забрчанец ќе бидат во домашна самоизолација бидејќи имале контакт со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири кој објави дека е позитивен од коронавирус.
„На средбата беа применувани здравствените протоколи, но сепак препораките на здравствените експерти се најважни и мора да ги почитуваме“, објави Манчевски на Фејсбук.
По препорака од епидемиолозите, во домашна самоизолација е и советникот на премиерот, Марјан Забрчанец, откако во четвртокот се сретнал со Зекири. И тој на ФБ напиша дека средбата била со сите протоколи односно со почитување на мерките, на растојание од 1,5 метри и заштини маски. Забрчанец засега нема никакви симптоми, а напиша дека ќе се тестира во текот на неделата.
Во изолација е и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој ја извести јавноста дека имал средба со лице кое е позитивно на ковид 19, и поради тоа ќе биде во самоизолација. Ганиу додава дека е загрижен за ситуацијата, која „не изгледа добро и може да ескалира на полошо“.