30-годишната мајка Лорен Фулбрук од Ворчестершајр, Велика Британија откри како нејзиниот 5-годишен син се бори со коронавирус. Лорен открила дека симптомите на Ковид-19 кај нејзиниот син Алфи биле температура над 42 степени и повраќање, пишува “Metro”. Една од сцените кои ги опишала во објавата била онаа во која Алфи лежел во болничкиот кревет и ја прашал: “Мамо, дали ќе умрам?”.
“Коронавирусот не е шега. Престанете да ги буткате работите под тепих и да го загрозувате не само својот туку и животите на другите бидејќи сакате да одите во паб, ресторан или ви требаат 7 пакувања од 24 ролни тоалетна хартија. Како некој од дом позитивен на Ковид-19, ги видов неговите ефекти”, напишала Лорен и продолжила:
“Морав да гледам како мојот 5-годишен син ја губи целата енергија и не може да се поместува, јаде, пие и уринира. Неговата температура не беше под 40 степени, а највисоката беше 42,3, поради што и повраќаше. Гледав како халуцинира и плаче од главоболка”.
Лорен истакнала дека еден од најтешките моменти бил денот кога се појавиле првите симптоми – на 16 март.
“Нивото на шеќер му беше само 3,7, бројот на вдишувања од 18 до 29, бројот на отчукувања на срцето 180, се потеше, се тресеше, губеше здив, беше чувствителен на светлина”.
А потоа станувало сè полошо – температурата пораснала на 42,3 степени, а Алфи не сакал да јаде и се жалел дека не може да оди. Лорен ја повикала Итната помош, но ѝ било кажано дека не можат да ги примат бидејќи болницата е преполна.
Со помош на медицинските совети кои тие ѝ ги дале, температурата на Алфи опаднала.
“Таа вечер повраќаше, халуцинираше, плачеше, се држеше за глава и имаше болки во очите, по што пристигна Итната помош и го одведе во болница”.
Лорен останала со синот во болница од вторникот до петокот, кога биле пуштени дома со напомена да се придржуваат до правилата на изолација.
“Сè уште закрепнува, но денеска за првпат побара храна и малку си играше. Кашла и сè уште има блага температура, но се чувствува подобро”, напишала мајката и додала дека е болна и нејзината 18-месечна ќерка, но нејзината состојба е далеку полесна од состојбата на Алфи.