Малолетна девојка од Кичево цел месец трпи насилство и психичко малтретирање преку Фејсбук и ТикТок, откако нејзиното поранешно момче, кое не може да се помири со тоа што таа ставила крај на љубовната врска, сега ја уценува со слики и видеа на социјалните мрежи, објави ТВ21.
Момчето на социјалните мрежи објавува лични видеа направени кога биле во врска.
„Бев во врска со едно момче и тој го имаше мојот телефон и зел мој личен материјал. Откако се разделивме тој отворил ТикТок и таму објавува видеа, и на Фејсбук објавува и пишува банални нешта, вели девојката, која е многу вознемирена поради тоа што тие видеа и слики ги гледаат нејзините блиски и пријатели и цело време е под притисок што ќе се објави и што ќе се каже за неа.
-Ми пишуваат дека објавил видео на ТикТок и Фејсбук, и роднините ми кажуваат, многу лошо се чувствувам. Тие денови не можев ни да спијам, не бев мирна, ништо не јадев, ништо, вели девојката.
Таа дури добила и закани, а некој се обидел да ѝ го запали станот. И обидот за да ѝ ја запалат куќата и отворањето на разни профили на социјални мрежи се пријавени во полиција.
Полицијата презема мерки, велат од нејзиното семејство. Затвориле неколку страници каде се објавуваат нејзини слики, но веднаш потоа се отвораат нови страници на социјалните мрежи на кои се пишуваат навредливи зборови за малолетничката. Поради ова, девојката не оди ни на училиште.