Претседателот на Франција, Емануел Макрон ѝ подари на кралицата Елизабета Втора коњ од француската републиканска гарда за да го одбележи нејзиниот јубилеј, опишувајќи го монархот како „златна нишка“ што ги врзува Франција и Британија за време на нејзиното 70-годишно владеење, пишува Ројтерс.
Макрон подоцна и оддаде почит на кралицата за време на церемонијата во близина на Триумфалната капија, каде положи венец на гробот на непознатиот војник во присуство на британската амбасадорка во Франција, Мена Ролингс.
Кралицата Елизабета Втора е позната по љубовта кон коњите. Фабуле де Мокур, седумгодишното сиво животно подарено од Макрон, минатиот месец го придружуваше претседателот по Елисејските полиња во Париз, како дел од официјалната церемонија, соопшти кабинетот на Макрон.
Велика Британија денеска започна четиридневни манифестации и забави за да го прослави владеењето на кралицата.
Макрон и оддаде почит на Елизабета затоа што „обезбеди елемент на стабилност во време на војна и длабоки промени во општеството“.„Вие сте златната нишка што ги врзува нашите две земји, доказ за непоколебливо пријателство меѓу нашите две земји и нашите народи“, рече Макрон.
Макрон беше еден од најострите критичари на Брегзит, но претседателот го изрази своето восхитување за кралицата која дојде на тронот помалку од една деценија по завршувањето на Втората светска војна.