Макрон со црвено и отечено око се појави пред војниците (ФОТО)

by Тони Зографски

Францускиот претседател Емануел Макрон се појави со црвено и отечено око на своето традиционално годишно обраќање пред припадниците на француската армија, одржано во воената база Истres на југот на Франција. Макрон уште на почетокот го објасни својот изглед, нагласувајќи дека станува збор за безопасен проблем.

„Ве молам извинете го мојот изглед. Ништо сериозно – сфатете го како ненамерна референца на Eye of the Tiger“, изјави Макрон, алудирајќи на познатата песна од филмот „Rocky III“, додавајќи дека тоа за него е „знак на одлучност“.

Во говорот, Макрон ја прогласи француската армија за „најефикасна во Европа“ и повика на нејзино понатамошно јакнење и забрзување на модернизацијата. Тој најави дека Франција планира да го помести рокот за зголемување на одбранбениот буџет на 64 милијарди евра од 2030 на 2027 година, при што 3,5 милијарди евра за забрзано вооружување би биле достапни уште оваа година.

Во контекст на војната во Украина и зголемените тензии околу Арктикот, Макрон предупреди на „нов колонијализам“ кој се појавува на глобалната сцена и истакна дека Европа мора сама да ја гарантира својата безбедност. Тој потврди дека француски војници веќе се распоредени на Гренланд во рамки на заедничка европска мисија за зајакнување на арктичката безбедност.

Францускиот претседател повторно повика на европска стратешка автономија и нагласи дека француското нуклеарно одвраќање е „најнезависно во Европа“, бидејќи не зависи од поддршка од САД, за разлика од британскиот систем.

„Историјата не простува неподготвеност и слабост“, порача Макрон, повикувајќи ги европските земји да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност во, како што рече, „сè побрутален свет“.

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com