Претседателот на Франција, Емануел Макрон, објави видеа со „дипфејк“ ефекти за да го сврти вниманието кон Самитот за вештачка интелигенција, кој се одржува во Париз, пренесува “BBC”.
Во видеото објавено на неговите профили на социјалните мрежи, Макрон реагира на „дипфејк“ снимки во кои се појавува во сцени од популарни филмови и серии.
„Многу добро изработено“, прокоментира францускиот претседател.
Објавеното видео собра милиони прегледи на неговите профили на Инстаграм, Икс (поранешен Твитер) и ТикТок. Во него, францускиот претседател се појавува во сцена од евродиско хит од 1980-тите, потоа во видео на инфлуенсер за фризури, како и во сцена од акционата серија „Мекгајвер“.
„Но, сериозно, вештачката интелигенција носи огромни можности. Можеме да ги промениме здравството, енергетиката и општествениот живот“, изјави Макрон и додаде:
“Франција и Европа мораат да играат централна улога во оваа револуција, за да го искористат нејзиниот потенцијал, но и истовремено да ги промовираат сопствените вредности“.
Видеото беше објавено во пресрет на дводневниот глобален Самит за вештачка интелигенција, кој започна на 11 февруари во Париз. Главната цел на настанот е да се разгледа влијанието на вештачката интелигенција врз општеството, управувањето и екологијата.