Владина делегација на чело со премиерот Зоран Заев а придружуван од првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, во раните утрински часови ги пречекаа македонските репрезентативец на граничниот премин со Косово, Блаце, по историската победа во Грузија и пласманот на ЕП.
„Оваа голема радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои го оставија срцето на терен во Тбилиси и навистина ја донесоа оваа огромна победа којашто македонската историја не ја памети досега, со што маекдонската репрезентација доби шанса за првпат да игра на ЕП. Сите македонски граѓани се радосни за овој голем успех на нашата репрезентација. Слави цела држава. Еден гол за сите, една победа за сите, тоа е можно само заедно. Македонци, Албанци, Турци… во исти дрес, под едно знаме, за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, изјави Зоран Заев.
Селекторот Игор Ангеловски потенцира дека е благодарен за пречекот на домашно тло и најголема сатисфакција му е што овој успех успеал да го обедини македонскиот народ.
„Ви благодарам што не пречекавте на наша територија. Среќни сме што успеавме да го обединиме народот. Така ние живеевме во репрезентацијa пет години, ние сме едно големо семејство и така дојдовме до ЕП. Среќен сум што работам со вакви фудбалери, се надевам на уште поголеми спортски успеси“, изјави Ангеловски.
На истото се надоврза и капитенот Горан Пандев, инаку стрелец на победничкиот гол.
„Јас би се надоврзал на селекторот, благодарност до сите што не пречекавте. Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина дечките го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Уште ние фудбалерите фалевме да се пласираме на едно ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП… добро што дојде овој коронавирусот, па ми ја продолжи кариерата уште малку. На цела Македонија ѝ се оствари сонот“, изјави Пандев.
извор. Гол.мк