Македонија да не прифаќа отстапки во преговорите со Бугарија – Ова е ставот на граѓаните, преточен во најновата анкета на Институтот за демократија, „Социетас Цивилис“. Вкупно 79% од анкетираните не го прифаќаат условот за јазикот.
Ревизијата за историјата е неприфатлива за 71% од граѓаните, а барањето за положбата на бугарското малцинство во земјава како негативно го гледаат 65,4% од испитаниците.
За две години, драстично се намалила перцепцијата на македонските граѓани за Европската Унија – повеќе не ја гледаат како најголем сојузник. Ако во 2019 година на ова прашање позитивно одговориле 43,2% од испитаниците, во 2021 година, само 13,1% рекле дека Унијата е најголем сојузник на Македонија. Голем е и процентот на граѓани кои одбиле да дадат одговор на ова прашање дури 17,6 отсто.
Од Институтот за демократија, „Социетас Цивилис“ за ова прашање изработиле две истражувања, кои покажуваат дека најголем сојузник на Македонија според граѓаните е САД, со 17,1 процент. На второ место е Европската Унија со 13,1 отсто, а со два проценти помалку, на трето место е Русија.
Истовремено, македонските граѓани го гледаат САД како фактор со најголемо влијание во земјава, односно 45.1% од испитаниците. Забележан е и драматичен пад на граѓани кои ја сметаат ЕУ како највлијателна во Македонија. Ако во 2019 година тоа биле 44,8% од испитаниците, во 2021 година само 9,5% рекле дека ЕУ има влијание во земјава.
Македонските граѓани гледаат позитивно и на „Отворен Балкан“ – Вкупно 56% го поддржуваат сојузништвото со Србија и Албанија во рамките на процесот на интеграција во ЕУ. Истражувањето од 2021 година беше спроведено преку телефонски интервјуа во текот на ноември, преку национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници, со маргинална грешка од ±3,1%.