Сите кои тргнаа кон Грција се враќаат назад, откако рампите на граничниот премин останаа спуштени. Грчката полиција не дозволи влез на оние кои немаа грчки пасош. Службениците не знаат кога ќе добијат одобрение од Атина за влез на странци, а предвидуваа дека тоа ќе биде ноќеска на полноќ или утре изутрина. На границата имаше возила со македонски, српски, бугарски таблици кои чекаа во колоните.
– Ни кажаа дека нема да добијат одобрение пред полноќ, затоа се вративме назад – вели граѓанин кој утрово се обидел даја премина грчката граница.
Освен оваа информација, грчките гранични службеници одбиваат да одговараат на други прашања. Велат дека ги известиле нивните власти и чекаат насоки и инструкции од таму.
На граничниот премин „Богородица“ утрово се створија колони. Граѓаните беа затечени од одлуката на граничната полиција на Грција, која одби да ги пропуштат за влез во земјата. Македонската полиција ги пропушташе возилата и во меѓузоната, но сега, сите се враќаат назад.
Инаку, од денес требаше да се отвори граничниот премин со Грција за сите граѓани на Македонија кои имаат негативен ПЦР-тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против ковид-19 или позитивен резултат за антитела. Потврда за ова вчера даде и премиерот Зоран Заев по средбата со Киријакос Мицотакис во Атина.
Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб-страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија. Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцинана „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „Астра зенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“