Зоран Михајлов
ВО 1942 ГОДИНА ПРЕДВОДЕНИ ОД ЛЕГЕНДАРНИОТ ЏИНА СЕДУММИНА МАКЕДОНЦИ ГИ БРАНЕЛЕ БОИТЕ НА ФУДБАЛСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ИСТОЧНИОТ СОСЕД.-ЉУБЕН ЈАНЕВ ОД ФК „МАКЕДОНИЈА“ СЕ УШТЕ Е РЕКОРДЕР НА БУГАРСКИОТ КУП СО ОСУМ ПОСТИГНАТИ ГОЛОВИ НА ЕДЕН НАТПРЕВАР !
Можеби не сте знаеле, но ако ја прелистаме балканската фудбалска историја ќе дојдеме до неколку интересни податоци. Имено, за време Втората светска војна дури седуммина фудбалери на скопска „Македонија“ ги бранеле боите на репрезентацијата на Бугарија. Ова, секако било резултат на општествено-политичките превирања во воените години на балканските простори,па во една таква ситуација кога секој се борел за престиж, многу битно било да е доминантен и на спортски план. Особено таа борба за престиж била манифестирана во фудбалот, како најпопуларен спорт, па од тие причини секој сакал во својата репрезентација да го доведе она најдоброто со кое што располагал. Така, во едни недефинирани политички состојби, се случило во репрезентативниот фудбалски тим на Бугарија да се најдат и најдобрите македонски фудбалери.
Колегата Георги Банов, кој е новинар во спортската редакција на дневниот весник „24 часа“ што излегува во Софија, покрај основните работни обврски често ја прелистуваа и бележи и спортската историја. Едноставно, смета дека- еден новинар, за да дојде до вистинските сознанија за корените на еден спорт и неговиот развој, е неопходно да навлезе подлабоко во историјата на спортот. Чепкајќи во документите,кои се потпирааат на вистинити факти, тој дојде токму и до оној податок што го споменав на почетокот.
-Тоа е вистина,вели Банов,точно седумминаа македонски фудбалери за време Втората светска војна ги бранеа боите на Бугарија.Тоа беше логично,зашто најдобриот македонски фудбалски клуб,кој имаше неколку извонредни фудбалери,се натпреваруваше во бугарската лига.Кога веќе беше така селекторот на бугарската репрезентација Иван Радоев за настапите на својот национален тим сметаше и на фудбалерите на „Македонија“.
Потоа,Банов ја продолжи својата приказна и не само од неговата архива,туку и од компјутерот ја отвори страницата на Еу-фудбал инфо,и го потврди она што претходно ми го имаше кажано.Таму стоеше следново:
11 април 1942 година,стадион „Конкордија“ во Загреб,гледачи 12.000.Резултат:Хрватска-Бугарија 6:0.Го читам составот и доаѓам до имињата на Македонците што играа за Бугарија на тој натпревар:Тодор Атанасков,Кирил Симоновски-Џина (за него и порано пишувавме и знаевме дека настапил за три репрезентации:предвоена Југославија,Бугарија и повоена Југославија) ,Стојан Богоев и Атанас Луков.
За репрезентацијата на Хрватска играа и многу фудбалери,кои својата активност ја продолжија и по војната,па така ги бранеа и боите на Југославија.Меѓу нив беа имињата на Брозовиќ,Антолковиќ,Велфл,Кокотовиќ и Јазбиншек .
Интересно е дека во хрватскиот состав дури 10 фудбалери биле од тимот на Граѓански,а само еден –и тоа капитенот Антолковиќ од екипата на ХАШК.
19 јули 1942 година,стадион „Јунак“ во Софија,гледачи 12.000. Резултат:Бугарија-Германија 0:3. Во составот на Бугарија, покрај Атанасков, Симоновски, Богоев и Луков, кои претходно настапија против Хрватска, овој пат се наоѓаа уште тројца македонски фудбалери: Богдан Видов, Благој Симеонов-Гаер и Љубен Јанев.
Селектор на репрезентацијата на Германија беше славниот Сеп Хербергер.
И уште еден податок од документацијата на колегата Банов. Имено, се работи за рекордерот по постигнати голови на еден натпревар за Купот на Бугарија. Токму,фудбалерот на тогашна Македонија – Љубен Јанев се уште фигурира како рекордер со 8 голови постигнати на еден куп-натпревар. Тоа се случило на мечот Јарчевиќ (Пловдив)-Македонија (Скопје), кој завршил со резултат 2:12!
Така и денеска македонскиот фудбалер Љубен Јанев е рекордер во куп-натпреварите на нашиот сосед. Досега не е надминат, а прашање е дали и во иднина некој ќе успее да постигне повеќе од 8 голови на еден куп-натпревар во Бугарија.
Ете,тоа беше едно интересно потсетување кое говори за квалитетот на македонскиот фудбал уште во годините на Втората светска војна. А денеска приказната е поинаква, иако сме на Балканот, во Европа, на светски план, за жал припаѓаме на фудбалската провинција.