Од некогашен лидер, до безмалку губитник во битката со регионалната конкуренција. Македонските ски-центри стануваат се понеатрактивни. Експертите апелираат за сериозна стратегија за подобрување на состојбите.
На Шапка и Маврово на еднодневно скијање, во Банско, Боровец или Копаоник на повеќедневен зимски одмор. Македонските скцентри веќе сериозно каскаат зад конкуренцијата во регионот. Од некогашни главни прибежишта за вљубениците во зимските спортови, сега веќе тешко се борат и како крајна алтернатива за избор на зимска туристичка дестинација. Податоците дека дури 80% од Македонците ги преферираат Бугарија и Србија се можеби разочарувачки, но не и изненадувачки со оглед на состојбите во кои се наоѓаат домашните зимски центри. Потенцијал има, но неговата искористеност е речиси минимална. Експертите предупредуваат дека бавната модернизација наспроти експресната изградба на луксузни центри во соседството, е една од клучните причини што Македонија веќе со години регистрира намалување на бројот на ноќевања во домашните зимски центри:
„Планинскиот туризам е сложен вид туризам, тој подразбира одржување на инфраструктурата, подобрување на квалитетот на услугите во сместувањето, но и во анимацијата. Околните земји, како на пример Бугарија и Србија внесуваат содржини кои досега не беа застапени во планинскиот туризам, од типот на понуда со спа пакети но и други придружни содржини. Ние не успеваме ниту во тој дел да се наметнеме како земја која во минатото на Балканот имаше значителна улога во развојот на овој вид туризам. Мора да се донесе стратегија, која за жал ја нема, да се зацртаат приоритетни цели кон промена на состојбите и како тие да се остварат. Секој организациски субјект да може да си го најде своето место во обезбедувањето на развојот, државата, локалната власт но и приватната иницијатива. Што се однесува до финансиите и приватните иницијативи очигледно е дека во Македонија тоа не е на највисоко ниво, не само во овој сектор, туку и во други. Причините за тоа се различни“, предупредува универзитетскиот професор Науме Маринковски.
Извор: Дојче веле