Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија е откажана откако земјите околу Србија го затворија својот воздушен простор за неговиот авион, изјави во неделата за новинската агенција Интерфакс висок извор од руското Министерството за надворешни работи.
Изворот го потврди извештајот на српските медиуми во кој се вели дека Бугарија, Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот што во понеделник требаше да го превезе првиот дипломат на Москва во Белград.
„Тие извештаи се точни“, изјави денеска за Интерфакс висок извор од руското Министерство за надворешни работи.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека соседните земји на Србија го затвориле воздушниот простор за летот на авионот на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, пренесува РИА Новости.
„Земјите што ја опкружуваат Србија го затворија каналот за комуникација, не дозволувајќи прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвуваше за Србија“, изјави Захарова за италијанската ТВ Ла7.