Македонија конечно влезе во НАТО. Амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса денеска во седиштето на организацијата го потпишаа Протоколот за членството на Македонија во НАТО. На церемонијата во седиштето на Алијансата, во Брисел, присуствуваше министерот за надвбрешни работи Никола Димитров, кој утринава директно допатува во Брисел од Вашингтон.
„Ова беше долг пат што пред многу години го почнавме со уште девет земји, Македонија наскоро, со стапувањето во сила на уставните измени, ќе стане Северна Македонија. Со ова ја исполнуваме стратешката цел-членство во НАТО. Ова е резултат на работа на многу генерации и должност на нашата генерација„ рече Димитров.
Според него, ова не било лесно да се постигне, но, сепак, оваа генерација успеа со договорот меѓу премиерите Заев и Ципрас, како и со поддршката од бугарскиот премиер Бојко Борисов и потпишаниот Договор за добрососедство.
По завршувањето на потпишувањето претставниците на 29 земји членки, генералниот секретар, Јенс Столтенберг и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, направија заеднича фотографија. Димитров в раце го држеше историскиот документ со потписите на 29 земји членки.