Македонец на седумдесет и тригодишна возраст е во кома откако вчера му се слошило по примена вакцина против ковид-19 во салата „Чаир“ во Ниш, Србија, потврдува директорот на Универзитетскиот клинички центар Зоран Перишиќ, пренесе српскиот медиум „Јужне вести“.
„Нема никакви промени во неговата состојба од вчера“, изјави Перишиќ.
Тој додава и дека не е позната причината зошто е пациентот во кома, но потенцира дека се исклучени кардиолошки проблеми.
„Со оглед на тоа дека пациентот имал операција со четири бајпаса, направена е и коронарографија и сликани се и бајпасите, нема знаци за инфаркт, ништо не се случило околу срцето. Така што, тие причини се исклучени“, вели Перишиќ.
Додава дека во зависност од здравствената состојба на пациентот ќе се направи и дополнителна дијагностика.
Инаку, во текот на викендов поголем број македонски граѓани се вакцинираа во Србија. Во саботата во Ниш започна и вакцинирањето на бизнисмените од регионов како резултат на договорот меѓу стопанските комори.
Организацијата за вакцинирање ја води Здравствениот дом од Ниш, а директорот Милорад Јеркан првично за случајот со македонскиот пациент рече дека му се слошило поради премореност.
Како што информираат „Јужне вести“, освен овој случај, друг застој во процесот на имунизација немало и дека во Ниш се вакцинирани околу 4 илјади лица.