Македонец на Фејсбук за проблемот со неговата националност во Холандија, му одговори Димитров

by Тони Зографски

Македонец кој е постдокторанд во Брисел на својот Фејсбук профил напиша за непријатното искуство кое му се случило во Холандија. Тој објави порака за проблемот со неговата националност, а му коментираше и министерот Димитров.

„Во општина во Холандија на средба којашто треба да трае максимум 10 минути.

Го подавам мојот пасош. Госпоѓата веќе го има мојот фајл и потребна е само мала формална проверка.

Госпоѓата: Господине, во полето националност не можам да внесам Македонец. Дали вашата националност е Mакедонец?

Јас: Да, да.

Госпоѓата: Па не може, системот не го прифаќа тоа. Дали сте сигурен дека тоа е вашата националност?

Јас: Па да. Имаше некаков договор помеѓу Македонија а и Грција, името на државата беше променето, меѓутоа националноста сеуште е Македонец (барем така треба да биде). Може да проверите Македонец/граѓанин на Северна Македонија.

Госпоѓата: господине, и тоа не може. Чекајте да проверам на интернет. (бара нешто…).Аха, ќе пробам Бивша југословенска Република Македонија.

Јас: во ред, пробајте.

Госпоѓата: и тоа не може. Чудно, многу чудно. (Се смее.)

Не можам да ве внесам во системот. Чекајте ќе прашам некои од колегите.

(Се собираат 3-4 административци).

Никој од нив не знае како да го реши проблемот. Поминаа веќе 30 мин.

Госпоѓата: (Нервозно, не знае веќе што да прави.)

Знаете овие состаноци се во главно формални и траат максиум 10 мин.

Јас: Знам, знам.

Госпоѓата: Ќе пробам повторно. Внесува 10тина различни поими.

5 луѓе се обидуваат да ја одгатнат мојата националност. А самиот не можам да помогнам. Сите можности на коишто помислив веќе беа употребени.

На крај доаѓа една женичка од нејзините колеги и ја решава ситуацијата. И вика на госпоѓата: Треба да внесеш граѓанин на Република Северна Македонија или на холандски тоа е (Burger van de Republiek Noord-Macedonie).

Госпоѓата: Конечно, ја одгатнавме твојата националност. Направи слика од ова и секогаш носи го со себе, за да немаш слични проблеми.

И така до зацврцестен идентитет…“, напиша тој.

Под ова коментар му остави и министерот Димитров.

– Реагиравме и ќе продолжиме да реагираме. Прво, државјанството не е националност во смисла на етничка припадност туку врска меѓу граѓанинот и државата. Кај нас имаме мнозинство Македонци, но и етнички Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци итн. Сите се македонски државјани. Второ, државјанството според Преспанскиот договор е македонско/граѓанин на Северна Македонија. Ќе продолжиме да настојуваме административно доследно да се спроведува во сите држави. Идентитетот е во член 1 – македонски јазик и во член 7 – македонски народ, врз основа на нашето право на самоопределување, напиша Димитров.

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com