Македонецот Сашко Богески кој уби провалник во самоодбрана во неговиот стан во белградската населба Жарково, во мај 2013 година, денеска беше ослободен од обвинението, објави Апелацискиот суд во Белград. Обвинителството го товареше Богески за убиство со пречекорување на нужната одбрана, но судот одлучи оти тој делувал во самоодбрана, што го исклучува постоењето на кривично дело.
До трагедијата дошло пред пет години, кога провалникот Владимир Маниќ, упаднал во станот на семејството Богески, напаѓајќи го Сашко со шрафцигер. Богески, пак, се бранел со кујнски нож. Маниќ кој од претходно и бил познат на полицијата, успеал да избега од станот, но починал поради убодните рани.
Богески сведочеше дека се подготвувал да оди на спиење, кога неговата сопруга слушнала шумови и се исплашила дека можеби некој влегол во станот. Македонецот потоа и кажал на сопругата да повика полиција, а тој земал нож од кујната, по што го забележал провалникот во дневната соба. Богески посочил оти замавнал со ножот, но и дека не се сеќава како го исекол Маниќ, кој потоа успеал да избега преку прозорец.