Зоран Михајлов
Гашева беше една од најдобрите спортистки на Македонија во минатиот век со освоени повеќе од 30 медали на меѓународните приредби.
-Во богатата кариера таа во 1982 година освои златен медал во кати-екипно и сребрен –поединечно на Европското младинско првенство во Гент.
-Нејзината ризница од медали ќе беше уште побогата доколку многу рано не ги напуштеше татамите.
Едно од најголемите спортски имиња од минатиот век во Македонија,што оставија печат во спортската историја и што ќе се паметат е каратистката Луиза Гашева-Фрост. Таа со своите резултати во првите години од 80-сеттите донесе радост и внесе свежина во нашето спортско живеење. Иако млада и недоволно искусна, благодарејќи на својот талент, настојчивост и желба за докажување, откако победуваше на југословенската – им пркосеше на своите конкурентки и на меѓународната сцена. Резултатот беше очигледен – освои повеќе од 30 медали на престижните карате-натпреври од кои со посебна специфична тежина се златниот и сребрениот медал од Европското младинско првенство во Гент (Белгија) во 1982 година. Тоа беа и првите медали за Македонија во карате во женска конкуренција.
-Чуден беше мојот спортски пат, вели од оваа дистанца потесетувајќи се на тоа време Луиза Гашева. Интересно е што во млади години одбрав два спротивни спорта. Најнапред како четвртоодделенка во ОУ Песталоци почнав да се занимавам со гимнастика. Морам да кажам дека добро ми одеше и се вљубив во овој спорт. Но, по двегодшно гимнастицирање, бидејќи се разболев од хепатит, морав да престанам и речи си еден подолг период бев надвор од сите спортски активности. Кога мина речи си една година и кога се подготвував да продолжам со гимнастиката-еден ден отидов во гимназијата Георги Димитров да гледам карате. Тој момент беше пресуден за прекинување на бавењето со гимнастиката и почнувањето со тренинзите во многу повозбудливиот спорт ,барем за мене –каратето. Кога им кажав на моите дома за мојата желба да се бавам со овој „машки“ спорт, така се мислеше тогаш за каратето и не беа многу изненадени. Јас уште како мала бев со немирен дух и постојано на улица играв со машките. Бев многу темпераментна и рамноправна во сите игри што како деца ги практикувавме во тоа време, дури и во сервис и фудбал!
Најмлада носителка на црн појас
Кариерата на Луиза почна да оди со голема брзина нагоре .Водена од своите тренери Мирче Опеловски и Славе Пашовски таа напредуваше и најнапред уште како членка на Георги Димитров ги освои жолтиот и оранџестиот појас.
-Иако ги правев првите чекори на татамите воопшто не делував како почетник. За сите бев големо изненадување,дури и за мојот татко Буби кој постојано ме следеше и беше мојот најголем поддржувач. Откако почнав да се занимавам со карате тој не испушти ниту еден мој настап.Т оа беа убави моменти за еден почетник.Особено бев среќна кога ми беа доделени првите појаси.
За да може побрзо да се развие талентот, Луиза минува во Карате клубот Работнички каде и натаму под водството на Опеловски кој исто така беше наш прославен каратист, тренира попрофесионално. Набрзо потоа дојдоа и резултатите од таквата работа. Луиза Гашева стана најмладата носителка во поранешна Југославија на црн појас.
-Полагањето за црниот појас беше посебна приказна, вели Луиза. Јас бев под стрес зашто имав само 14 години и стравував да не откријат дека сум толку млада и да не ми дозволат да полагам. На крајот се добро се заврши-катите ги изведов беспрекорно и добив двојна честитка-за изведбата и за тоа што станав најмлада носителка на црн појас.
Тоа беа години кога Луиза настапуваше во двете конкуренции на првенствата на Македонија-младинска и сениорска. Во убав спомен и е освојувањето на првата републичка титула во младинска конкуренција.
-Тоа се случи на првенството во Кавадарци. Пред почетокот,кога видов колку многу девојки ќе учествуваат во натпреварите бев малку збунета. За мене тоа требаше да биде голем тест. Особено беа квалитетни каратистките на Металург кои во својот сосдтав имаа навистина врвни натпреварувачки. Но, јас ги стиснав забите и тргнав на патот кон освојување на првата титула. Во тоа успеав и станав младинска првенка на Македонија. Во сениорска конкуренција бев трета,тука искусната Вера Николовска беше неприкосновена.
Така, радосна по освоената прва титула Луиза со уште поголем елан продолжува да тренира и да се натпреварува. Веќе за неа почна да се зборува дури и како за чудо од девојче.
Први медали за Луиза и за –Македонија
По настапите на првенствата на Македонија дојдоа и учествата на првенствата на поранешна Југославија. Конкуренцијата беше многу силна,а во тој период на сцената суверени владетелки беа Бојана Шумоња и Нада Јешиќ. Секогаш тие беа главни фаворитки за првото место.
-За мене претставуваше голем предизвик да се натпреварувам со нив, продолжува Луиза. Бев многу млада и сето тоа го сфакав како игра, како да сум се подготвувала за писмена-сум учела…учела и наеднаш ќе треба да покажам колку сум научила. Така беше и со каратето-тренинг…тренинг и доаѓа големиот момент за докажување. Затоа сакав да ги измерам силите со една Шумоња или со Јешиќ, едноставно , да видам колку сум научила. На моето деби во сениорска конкуренција на државното првенство бев петта, но на крајот од годината на ранг-листата на десетте најдобри од сите категории бев осма во Југославија. Тоа за мене и за македонското женско карате беше голем успех.
Следната година (1979) Луиза го освојува првиот златен медал за Македонија во женска конкуренција од првенствата на Југославција. Таа стана шампионка на државата на младинското првенство во Даниловград.
За да не биде само овој медал младата каратистка се фаќа во костец и со сениорките.
-Охрабрена од настапот во Даниловград, на сениорското првенство во Ниш настапив без трема .Си помислив: една титула имам,овде што ќе биде нека биде! Впрочем ова се сениорки,тука се Шумоња, Јешиќ и Ненадиќ од БиХ . Тие се главни фаворитки. Не ни помислував дека можам да дојдам до медал. Но, борбите некако ме понесоа и не знаејќи дека стигнав до третото место, бодувањето беше со броеви, заминав во соблекувалната. Во еден момент слушнав како Опеловски и Недев ме повикуваат да дојдам во салата заради прогласувањето. Дури тогаш сфатив дека сум трета! Тоа беа моите слатки незаборавни спомени од Ниш и прв медал за Македонија во женска сениорска конкуренција.
Сите овие резултати и ја отворија и вратата на југословенската репрезентација. Од 1978 година Гашева ја почнува и меѓународната кариера. Првиот настап и беше на меѓународниот турнир во Хановер.
-За да можам да настапам во Германија мораше да ми се изготви нов пасош, вели Луиза, во кој требаше да бидам постара,да имам над 18, а јас имав три години помалку. Во договор со Федерацијата и МВР – тоа беше направено, така што по враќањето од Хановер тој пасош требаше да го вратам за да биде поништен .Ете и овој момент говори колку бев значајна за репрезентацијата. Се одеше дури дотаму да се фалсификува и патната исправа !Меѓутоа,од резултатски аспект сето тоа се исплатеше зашто Југославија екипно беше прва, а поединечно меѓу сениорките од неколку земји јас се пласирав на 4-тото место.
Потоа доаѓаат и другите меѓународни настапи – во Брегенц и во Будимпешта. На првиот турнир во Брегенц малку потфрли-беше шеста,што претставуваше мало разочарување за неа. Но, тоа не траеше долго,затоа што подоцна во првиот настап на младинските првенство на Европа во Бреша го освои петтото место.
Злато и сребро од Европското првенство во Гент
Луиза Гашева со сите постигнувања покажа дека располага со врвни квалитети. Без неа повеќе не можеше да се замисли нашиот национален тим, а во младинска конкуренција таа беше главната ведета. Затоа,пред настапот на Европското младинско првенство белгискиот Гент-1982 година , сите погледи на јавноста беа свртени кон неа.Таа пак, по пеколните подготовки и репрезентатривните тренинзи под водството на селекторот Божовиќ како да чувствуваше дека сега е моментот за искачување на европскиот врв. И навистина така беше-Југословенките предводени од Гашева го освоија златниот медал, а нашата шампионка во поединечните натпревари во кати беше втора и се закити со сребрениот медал. Тоа беа и првите медали за Македонија од еден Европски шампионат во женска конкуренција.
Потоа, следната година и на Балканскиот шампионат во Скопје Луиза Гашева доаѓа до златниот медал. Тој повеќе беше за радост на гледачите,инаку,што се однесува до конкуренцијата,таа со оглед на тоа што ова беше прво вакво првенство – не беше кој знае каква.
-Балканскиот шампионат, вели Гашева, повеќе изгледаше како двомеч меѓу Југославија и Грција .Овие две репрезентации беа со многу натпреварувачи, другите ги немаше. Но, без оглед на се – медалите се памтат а каква била конкуренцијата-тоа се заборава.
Не се заборава и 1983 година кога на ЕП повторно во кати-екипно беше освоен златниот медал. Тој беше и последен во кариерата на нашата каратристка. За жал таа веќе следната година ги напушти татамите. Кога сите очекуваа да продолжи со успесите, таа се повлече. Во кариерата остана малку и разочарана што поради годините (беше млада и под дозволената граница) во последен момент отпадна од списокот за настап на Европското сениорско првенство(1981) во Манчестер. Така, големата шампионка остана без настапи на сениорските Европски и Светски првенства. Кога имаше право за настап-таа на 21 година стана мајка, се роди ќерка и Ивана.
-Каратето го ставив во мирување, сметајќи дека повторно ќе му се вратам, вели Луиза. Но,тоа не се случи, а во 1995 година се роди и втората ќерка Бојана. Не ми преостануваше ништо друго туку само да се сеќавам на прекрасните слатки спомени од натпреварувачките денови.
Луиза останува запаметена по тоа што беше најмлада носителка на црн појас, потоа по 4 титули првак на Југославија во младинска конкуренција и вицепрвак за сениорки (зад Љубица Кнежевиќ). Таа беше и првата Македонка со освоени медали од Европските првенства во карате.
Лична карта-Луиза Гашева
Родена во 1963 година во Скопје
Кариера: КК Георги Димитров,КК Работнички,репрезентација на Југославија
Успеси: Две злата во екипна конкуренција и едно сребро -поединечно од ЕП за младинки, 4 титули првак на Југославија за младинки, едно второ место во сениорска конкуренција,балканска шампионка, први места во младинска и сениорска конкуренција на првенствата на Македонија од 1977 до 1984 година и многу први места на меѓународните турнири.
Клуб „Луиза“
На инсистирање на родителите,кои ја познаваа и се сеќаваа на нејзините настапи ,Луиза Гашева отвори Карате-клуб „Луиза“.
-Функциониравме пет години,вели Гашева во тој период создадов две првенки на Македонија и повеќе репрезентативки. Работевме во гимназијата Орце Николов, но потоа се сменија раководствата и вратите за нас во салата беа затворени. Така клубот во екот на својот расцут згасна,исто како што на млади години заврши и мојата кариера како активна каратистка. Судбината така сакала…
Кордон за дочек во училиштето
Се памети и една случка од животот на Луиза.Имено,пред поранешен Пелистер на плоштадот во Скопје,некои мангупи почнале да ја задеваат Луиза и нејзината другарка.
-Прво бев мирна,но откако насилниците станаа агресивни решив да се послужам со карате-вештините. Така за миг едниот се најде на земја,а другите се разбегаа. Ми беше непријатно што така постапив,но по се изгледа друг избор немав. Мојата постапка ја одобруваа и соучениците,кои дознавајќи за случката.кога другиот ден дојдов во училиштето ме пречекаа во кордон со аплауз.