Лос Анџелес е претесен за комеморацијата и погребот на Коби Брајант, пренесуваат американските медиуми. Легендарниот кошаркар беше еден од симболите во „Градот на ангелите“ и имаше голем број фанови во овој град. Само во централниот дел на Лос Анџелес има 3.5 милиони луѓе, додека во останатот дел уште 17,5.
Градоначалникот Ерик Гарсети објави дека тој и неговите соработници се уште ги разгледуваат опциите на кој начин да биде организирана комеморацијата и погребот. Главниот збор ќе го има семејството на Брајант, но градот и градоначалникот се понудија за помош при организацијата и логистиката.
„Брајант е како океан, тој беше составен дел од нашите животи. Многумина имаа сјајни кариери, но потоа потонаа. Но тој пишуваше ново поглавје, и тоа не само за себе, туку и за својот град, за своите ќерки. Знамињата се на половина копје, градот е обоен во жолта и виолетова боја (Лејкерс). Луѓето сакаат споменик посветен на овој човек, но најмудро е да почекаме неколку дена или недели“, изјави Гарсети.
Инаку, знамињата на Градската управа се ставени на половина копје, а бројни згради во центарот на Лос Анџелес се обоени во жолта и виолетова боја – боите на Лејкерс. Се разгледува и можноста за изградба на споменик на Коби и Џана.