Локална жителка предупредува: Ова се грешките што туристите најчесто ги прават во Грција

by Тони Зографски

Благодарение на античките споменици, прекрасните плажи и врвната храна, Грција е една од најпопуларните туристички дестинации во светот. Но таа е многу повеќе од тоа, а доколку ги прашате локалните жители, тие ќе ви посочат и некои нејзини помалку познати предности.

Тие можат да ви откријат автентични начини да ја доживеете оваа прекрасна земја, но и да ве предупредат на некои можни ризици. Токму во таа насока е текстот што Џоана Калафатис го напиша за „Бизнис инсајдер“, под наслов: „Како локална жителка, ова се осум работи што би сакала туристите да ги знаат пред да ја посетат Грција“.

Еве кои се тие.

Грција е многу повеќе од најпознатите острови и атракции

Повеќето туристи ги посетуваат Миконос, Санторини и можеби Парос, но Грција има повеќе од 200 населени острови. Многу од нив се значително поповолни за одмор од најпознатите дестинации.

Џоана ги препорачува островите Кимолос, Астипалеја, Паксос и Фолегандрос, за кои вели дека се вистински скриени бисери.

Не треба да се занемари ниту копнениот дел на Грција. Таму се наоѓаат локалитети под заштита на УНЕСКО, како Делфи и Метеора, тиркизното море на Пелопонез, како и импресивните планини и традиционалните села во Епир.

„Исто така, многу туристи доаѓаат во Атина само за да го посетат Акропол, а потоа веднаш продолжуваат понатаму. Според мене, така пропуштаат еден од најживите градови во светот. Вреди да се истражат атинскиот ноќен живот, рестораните, музеите и населбите како Плака, Егзархија, Псири и Панграти.“

Не е потребно да оставате бакшиш од 15 до 20 отсто

Келнерите и вработените во угостителството во Грција главно добиваат редовна плата, па културата на оставање бакшиш не е иста како во некои други земји. Џоана тука прави споредба со САД.

„Додека во Америка е вообичаено да се остават 15 или 20 отсто од сметката, во Грција тоа не се очекува. Најчесто само ја заокружувам сумата или оставам неколку евра на масата, освен ако услугата била исклучителна или вечерам во луксузен или изразено туристички ресторан.“

Опуштете се и прифатете го побавниот ритам

Грците имаат прилично опуштен однос кон времето. Не е необично некој да задоцни на договорена средба, ниту продавница да отвори половина час подоцна од најавеното.

„На посетителите кои доаѓаат од земји со побрзо темпо на живот услугата може да им изгледа бавна, особено на помалите острови. Многу продавници и супермаркети не работат во недела, дури ни во Атина. Знам дека тоа може да биде фрустрирачки доколку сте навикнати сè да ви биде достапно во секој момент, но ве советувам едноставно да уживате во побавниот начин на живот додека сте во Грција“, пишува Џоана.

Не обидувајте се да посетите премногу острови во едно патување

„Многумина ме прашуваат дали е можно да се посетат четири или дури пет острови за седум дена. Мојот одговор речиси секогаш е – не. Многу е подобро на секоја дестинација да ѝ посветите најмалку два дена и навистина да ја доживеете.

Голем дел од привлечноста на грчките острови е токму во опуштањето. Доколку постојано трчате од еден траект на друг за да видите што повеќе знаменитости, ќе го пропуштите најубавото“, истакнува таа.

Бидете внимателни кога станува збор за природни катастрофи

Во последните години Грција, како и многу други земји, сè почесто е погодена од разорни шумски пожари. Затоа е важно да покажете разбирање доколку во тој период се наоѓате во земјата или објавувате содржини на социјалните мрежи.

„За жал, сум гледала туристи кои фотографирале ‘прекрасно’ небо или зајдисонце осветлено од пожарите. Во момент кога многу Грци не знаат дали нивните домови се зачувани или дали нивните најблиски се безбедни, таквите објави може да изгледаат многу нечувствително“, предупредува авторката.

Задолжително посетете традиционална таверна

Популарните дестинации денес имаат голем број модерни ресторани со кујни од целиот свет, но не треба да ја пропуштите можноста барем еднаш да јадете во традиционална грчка таверна.

Таверната е опуштен ресторан во кој храната се дели на масата, во семеен стил. Гостите често седат со часови, разговараат, ги делат јадењата и уживаат со вино или узо, традиционалниот грчки аперитив.

Грчката кујна е многу повеќе од гирос

Иако гиросот и сувлакито навистина се вкусни, грчката гастрономија нуди многу повеќе.

„Многу Грци го започнуваат денот со тиропита, пита со сирење, и фрапе кафе – популарно ладно еспресо со пена, кое најчесто се подготвува со мраз и шеќер.

Секој дел од земјата има свои локални специјалитети, па распрашајте се што вреди да се проба. Во таверните многу се популарни октоподот, различни видови свежа риба, сирења на скара и пржени сирења како саганаки и халуми, како и прилози како фава, кремаст намаз од жолт грашок“, препорачува Џоана.

Научете неколку грчки зборови

Во туристичките места повеќето помлади Грци зборуваат англиски, но во помалите места и селата комуникацијата со постарите жители може да биде малку потешка.

„Дури и кога соговорникот ве разбира, убаво е да покажете малку труд и пред патувањето да научите неколку основни изрази, како ‘добро утро’, ‘благодарам’ или ‘како сте’.

Локалното население секогаш го цени тоа кога туристите се обидуваат да изговорат барем неколку зборови на грчки“, заклучува таа.

останати вести