„Повеќе од јасно е дека ова Здружение на оштетени штедачи, кои велат дека ги има 3.000 оштетени семејства, се служат со манипулативни податоци. Согласно информациите кои ги поседуваме, 791 физичко лице имаат побарувања од Еуростандард банка. Поради континуирана клевета од страна на претседателот на ова здружение именувајќи ме како криминалец, ќе покренам кривична пријава за клевета точно против лицето Петар Трајков“, соопшти бизнисменот Трифун Костовски.
„Господинот Петар Трајков, кому му ја доверивте палката да ве претставува вас, оштетените штедачи, за жал не е човек кому треба да му се довери оваа многу значајна позиција. Дали личи на претседател на оштетените штедачи при првата средба да ми каже: ‘зошто не ѝ дадовте 100-200 илјади евра на гувернерката за да не ја носи банката во стечај’? Вчудовиден бев и избезумен од ваквиот настап на вашиот прв човек. При втората средба тој повторно ме подучуваше со мито да пријдам кон судиите на Уставниот суд, со цел носење на одлука во корист на штедачите, за на крајот да финишира со зборовите, цитирам: ‘Ти го отстапувам моето побарување од Еуростандард банка за 50%, ти да ме исплатиш, бидејќи ти имаш добри релации со Заев”, пишува Костовски.
Почитувани, немав намера да озборувам, меѓутоа однесувањето на господинот Петар Трајков е крајно дволично, недолично, исклучиво бранејќи го сопствениот интерес.
Време е да согледате кој ви е вистински пријател во оваа борба, а кој непријател.
Изразувам жалење за вашите пари, чија судбина е неизвесна, меѓутоа на начинот на кој комуницирате со институциите на државата, со јавноста и посебно со мене е недозволиво“, стои во објавата на Фејсбук на Костовски.