Лидерот на јужнокорејската опозиција Ли Јае-мјунг беше нападнат за време на посетата на јужниот пристанишен град Бусан, објави новинската агенција Јонхап.
Ли бил прободен во левата страна на вратот од непознат маж додека бил во посета на градилиштето на идниот аеродром, пренесе агенцијата.
Напаѓачот, во неговите 50-ти или 60-ти години, му пришол на Ли и побарал автограм, пред ненадејно да го нападне. Набрзо бил совладан и уапсен.
На фотографиите објавени во медиумите се гледа како Ли лежи на земја со затворени очи, а други луѓе ја притискаат раната на неговиот врат.
Лидерот на опозицијата бил пренесен во болница, објави Јонхап.
И покрај строгите закони за оружје, Јужна Кореја има историја на политичко насилство кое вклучува други видови оружје.
Лидерката на конзервативната опозиција Парк Геун-хе, која подоцна стана претседателка, беше нападната со нож во 2006 година, при што се здобила со длабока рана на лицето.