Сите ние добро ја познаваме историјата на вакцинацијата која започнува во 1840 година, кога Велика Британија го воведува задолжителното вакцинирање од сипаници, базирано на успешните истражувања направени од провинцискиот лекар Едвард Џенер.
По завршувањето на највисоките школи во тоа време, згодниот доктор Џенер се враќа во своето родно селце Беркли, во срцето на идиличната парохија Глочестер во Англија. Не треба да се трошат зборови за статусот што младиот и згоден лекар, кој со своето кожено торбиче, монокл, полуцилиндер и капут изработен од превртен антилоп тазе уловен и донесен од Африка, го уживал додека секојдневно визитирал кај малограѓанските буржујки спремни за мажачка, младите вдовици и сопругите на морнарите, за кои се верувало дека биле лесно подложни на „претерана анксиозност“.
Но, талентираниот доктор Џенер целото свое внимание го насочил кон само еден тип на жени. Не го интересирале ќерките на богатите трговци, ниту пак фрлал око на некоја провинциска благородничка, но со особен интерес ги следел млекарките. Да појасниме, млекарки се девојки и жени кои ги молзеле кравите и потоа го обработувале измолзеното млеко. Немало млекарка во Глочестер, на која младиот Едвард ѝ нема пријдено и ја нема одмерено.
– Добар е нашиов доктор, ама чуден му е малку вкусот – коментирале видните жители на Беркли, чии ќерки наполниле 16 години и биле во зрели години.
Сите ја знаеме и анегдотата за млекарката Сара Нелмс, која од сите нејзини колешки, некако најмногу се зближила со Едвард Џенер. Знаеле тие со денови да бидат заедно и да се „играат доктори“.
Затоа на изненадувањето му немало крај, кога било обелоденото дека младиот лекар пронашол вакцина за сипаници. Тоа е првата вакцина воопшто, по што ќе започне ренесансниот период во медицината наречен имунизација, со кој ќе бидат спасени милиони човечки животи ширум светот. Интересно е и тоа што во времето додека Џенер крстосувал по идиличните полиња на Глочестер, добро познат факт вкоренет во народното верување бил дека млекарките не се заразуваат од сипаници. Едвард во оваа митоманија ја видел својата шанса и по кратко истражување заклучил дека заразата од кравите е послаба, па кога ќе дошла до луѓето не била опасна и предизвикувала имунитет.
Приказната за имунизацијата не започнува со експериментот на Едвард Џенер и неговата млекарка, туку 1000 години претходно во Кина. Древните лекари на кинеската медицина децата намерно ги заразувале со сипаници. Овој процес се нарекува инокулација, со кој Англичаните се запознаваат седум века подоцна, а знаењето го добиваат, интересно, од турските екими во Цариград.
Долг бил процесот од инокулација до вакцинација и потполна имунизација. Или подобро речено долг е патот до целосната имунизација. Барем кај нас во Македонија. Еве на пример нашиот министер за здравство посочи дека сме некаде на пола пат.
– Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека дури 50 проценти од децата родени во 2017 година не се вакцинирани со МРП вакцината (морбили) – известуваат дневните весници, откривајќи дека другите 50 проценти од децата родени лани се сепак вакцинирани.
Не е лошо нели? 178 години откако Џенер ги докажа своите опити направени претходно во хм, дружењето со корпулентната Сара, македонското здравство успеало да вакцинира 50 проценти од своите новороденчиња. Прецизните статистичари би рекле дека за точно 178 години во иднина, некоја година плус или минус, сите деца на Македонија ќе бидат вакцинирани.
Нормално дека се шегувам и дека воопшто не го детектирам проблемот кај министерот и министерството и уште помалку кај харизматичниот доктор Џенер. Проблемот е во холистички разбудените родители, кои откако ќе им заврши епизодата од турската серија, читаат сензационалистички текстови за ризиците од имунизацијата, напишани од велешките „троловски фарми“ во паузата помеѓу две претседателски кампањи во САД. Уште пострашно е што ропачките „интернет фарми“ од 21. век, успеаја да побијат научно истражување направено на една вистинска фарма во Глочестер, во првата половина од 19. век.
Треба да им се објасни на овие родителски шупци, дека вистинскиот ризик по здравјето на нивните деца е токму во одбивањето тие да бидат вакцинирани, па да можат на раат да си ги догледаат сериите.
(Преземено од Фејсбук)