Гитаристот на „Ролинг стоунс“, Рони Вуд, објави дека по вторпат се излекувал од рак, што му бил дијагностициран лани за време на карантинот. Седумдесет и тригодишниот Вуд имал рак на мали клетки, што вообичаено се појавува во белите дробови. Ова следува четири години по успешната борба со ракот на белите дробови.
“Имав рак на белите дробови во 2017 година, а неодамна ми се појавија помали карциномни клетки со кои се борев. За време на закрепнувањето, едноставно се препуштив. Она што мора да биде, ќе биде, не можам да направам ништо во врска со тоа. Единственото нешто што можам да направам е да останам позитивен, силен и да се борам, а сè останато е во рацете на некоја виша сила“, изјави 73-годишниот рокер за „Сан“.
Тој потврди дека сега се чувствува добро и дека се опоравил.
Рони Вуд потврди за време на лекувањето бил дома со неговата сопруга, театарскиот продуцент Сали и неговите четиригодишни близначки, Грејси Џејн и Алис Роуз, кои му биле голема поддршка во тешките моменти.