Ана Галевска Јакимовска д-р вет. мед.
Ветеринарна Амбуланта Прима Вет Медика Скопје
Лашманиoзата ја предизвикуваат протозоарните паразити од фамилијата Leishamnia. Иако пред една до две децении оваа болест се вбројуваше во егзотични болести и се јавуваше спорадично кај кучиња кои престојувале во екваторијалните предели на Африка и Азија, денес во Македонија зема се поголем замав и се повеќе се шири низ уличните кучиња, домашните миленици и луѓето. Кај луѓето уште се нарекува Кала Азар треска или Црна треска.
- Како се манифестира Лајшманиозата?
Лајшманиозата има хроничен карактер и доста бавно проглесира. Генерално во зависност од кои органски системи се најпогодени постојат две форми на лајшманиоза – кожна и висцерална (телесна). Висцералната форма го зафаќа дигестивниот систем, слезената, црниот дроб и надворешните слузници. Се јавува нагло слабеење, губење на апетитот, дијареа и повраќање. Специфичен симптом е крварење од носот и ушите, како и температурни осцилации (во одреден период на денот се покачува и паѓа телесната температура).
Многу почеста форма е кожната која се манифестира со задебелување на кожата посебно околу очите, усните и слабинити и перничињата на шепите, до појава на пукнатини, крварења и рани. По површината на целата кожа се јавуваат јазли, крзното се суши, станува кршливо и симетрично опаѓа. Понатаму јазлите се јавуваат во внатрешноста на кожата од кои подоцна настануваат чиреви. Кај некои пациенти се јававаат абнормално долги нокти кои пукаат и се расцветуваат. Освен овие симптоми може да се јави и заболување на лимфните јазли, оштетување на бубрезите, неуралгија (заболување на периферните нерви), кај висцералната форма се јавува зголемување на слезената и треска.
- Како се пренесува Лајшманиозата?
Главен преносител на Лајшманиозата е песочната мушичка, но може да се пренесе и преку сите други инсекти што се исхрануваат со крв. Проблемот е што лајшманиозата доста бавно прогресира, и заразените кучиња претставуваат резервоар за ширење на болеста и претставуваат опасност за околината вклучувајки ги и сопствениците.
- Дијагноза и третман
Доколку забележите било кој од горенаведените симптоми, контактирајте го вашиот ветеринар. По клиничкиот преглед, се врши брзо испитување со комплет тестови за дијагноза на лајшманиоза. Доколку тестот е позитивен, се зема крв за серолошки да се потврди дијагнозата. Како што напоменавме лајшманиозата има хроничен карактер. Исходот зависи од формата на лајшманиоза и лекувањето е доста долго и скапо. Се применуваат специјални антибиотици, како и медикаменти за заштита на бубрезите и уринарниот систем. Сопствениците се советуваат да применуваат препарати против надворешни паразити кои содржат репеленти за одбивање на инсектите. Исто милениците треба да се чуваат во простории кои се излоирани од инсекти.
Поглолем успех има третманот при висцерална форма, додека кај кожната форма терапијата многу ретко дава позитивен исход, најчесто ефектот е мал или ја супресира болеста која по престанокот на терапијата се враќа. Повторно да напоменеме дека за време на целиот третман заболениот миленик е извор на зараза и ширење на болеста. Поради ова, не ретко доколку има позитивна дијагноза на кожна форма на лејшманија ветеринарните експерти ги советуваат сопствениците за еутаназија на миленикот, дури во некои држави тоа е законски регулирано како обврска на сопственикот. За жал многу мал дел од сопствениците се решаваат на овој чекор, што придонесува за ширење на лајшманиозата.
- Како да ги заштитме нашите миленици?
Најдобра заштита е редовно користење на препарати како што се каишки, спот-он ампули и таблети кои имаат ефект, односно, со мириси ги одбиваат инсектите кои се хранат со крв. Да се избегнува шетање на милениците во летниот период, на места каде има застојни води, калишта и блата, каде се ројат песочните мушички. Домовите и одгледувалиштата да се заштитени со мрежи на прозорите за милениците да не бидат изложени на напад од песочните мушички и отанатите инсекти што се хранат со крв.
Доколку забележите некои од горенаведените симптоми или за било кои други прашања за лајшманиозата, слободно може да не контактирате на фејсбук страната на Ветеринарната Амбуланата Прима Вет Медика – Скопје: https://www.facebook.com/Veterinarna-Ambulanta-PrimaVet-Medika-1601682120147128/