Во Италија видот делта на коронавирусот доминира со 95% од заразените, а новиот сој ламбда пристигна, иако бројките сѐ уште се сметаат за спорадични, тој почнува да ги загрижува здравствените власти, бидејќи веќе е регистриран во пет региони со 13 идентификувани случаи.
Според неодамнешното јапонско истражување, ламбда сојот на коронавирусот не е само позаразен, туку е и поотпорен на антитела. Со други зборови, вакцината штити помалку од таа варијанта на вирусот.
Иако првиот случај на зараза со ламбда сојот на коронавирусот беше регистриран во Перу пред една година, се уште знаеме релативно малку за овој мутант.
Намален имунитет
Затоа најновата студија на научниците од Јапонија (SARS-CoV-2 Lambda variant exhibits higher infectivity and immune resistance) е важна. Според таа студија, спајк протеинот на сојот ламбда носи три мутации кои се особено загрижувачки, пишува ДВ.
Кај спајк протеинот кај ламбда сојот, една мутација има за последица антителата послабо да го неутрализираат вирусот. Со други зборови, имунитетот на вакцинираните и оние кои ја надминаа короната е намален. Така, вакцините помалку штитат од инфекција.
Другите две мутации придонесуваат за тоа луѓето полесно да се инфицираат со ламбда варијантата, се вели во студијата од Јапонија, чии резултати допрва треба да бидат потврдени од независни научници.
Резултатите од таа студија може да објаснат зошто овој вид на коронавирус се шири толку брзо. Досега, ламбда варијантата е откриена во 30 земји, пред се во Јужна Америка, но индивидуални случаи се регистрирани и во Европа, на пример во Шпанија, Обединетото Кралство, Италија и Германија.
Засега, Светската здравствена организација ја прогласи оваа варијанта за „варијанта под истрага“. Но, според јапонските научници, ламбдата ги исполнува сите услови за да биде прогласена за „загрижувачка варијанта“.
Овие „загрижувачки соеви“ го вклучуваат и делта сојот, која првпат беше идентификувана во Индија. Засега, малку е веројатно дека ламбда ќе ја потисне делта варијантата, која во моментов доминира, пишува ДВ.
Опасност за ризичните групи
Иако ефектот на вакцините против коронавирус е ослабен од делта сојот, се уште има релативно мал број случаи на инфекција кај луѓе вакцинирани со две дози.
Овие луѓе, секако, можат да ја пренесат инфекцијата на други луѓе, но кај повеќето вакцинирани инфекции предизвикува болест со благи, па дури и без симптоми.
Меѓутоа, луѓето кои примиле две дози вакцини, но припаѓаат на ризичната група, се значително повеќе загрозени, бидејќи веќе имаат ослабнат имунитет. Тоа се постари луѓе или оние со рак или со трансплантација на орган. Кај нив, овој вид на вирусот може да предизвика тешка болест. Затоа, најверојатно оваа група луѓе ќе има потреба од трета доза од вакцината најдоцна на есен.