Зоран Михајлов
Лазар Поповски,кој првиот олимписки настап во кајак на диви води го имаше во Барселона -1992 година,потоа уште три пати едноподруго учествуваше на Олимпијадите.
-Во Сиднеј имаше чест да го носи македонското знаме на свеченото отворање.-Најдобар пласман на Олимпијадата во Атина – 16-ти
Кариерата на еден од најдобрите македонски спортисти на сите времиња Лазар Поповски, популарно наречен Лазе, по првиот настап на Олимпијадата во Барселона – 1992 година, постојано одеше во нагорна линија. За него беше голем предизвик да влезе во дуел со најголемите асови на кајакрскиот спорт и да го даде својот максимум за да постигне што подобар резултат.
-Никогаш не се штедев, вели Поповски. Секогаш сакав да одам чекор понапред и затоа – без оглед за каков натпревар се работеше, влегував во него со голема желба и елан. За еден ваков однос кон спортот,сигурно значајна улога имаше и мојот татко Мичо кој знаеше да ме мотивира и подготви за настапите. Неговото искуство како кајакар,а потоа како мој тренер беше од големо значење за мене.Нашата девиза беше – она што се работи – да се работи до крај. Сериозноста со која влегувавме во она што го работевме придонесе да бидам еден од двајцата македонски спортисти-со Шабан Сејдиу, со дури четири учества на Олимпијадите. Mал e бројот и на спортистите во светот што може да се пофалат со еден ваков олимписки биланс.
Сиот товар врз мојот татко!
По првиот настап на Олимпијадата во Барселоина Поповски е уште помотивиран и решен навистина да остави печат во кајакарскиот спорт, не само во Македонија туку и пошироко. Затоа тој постајно е во кајакот најчесто на Треска каде што патеката веќе напамет ја имаше научено. Но, она што најмногу придонесе за неговото квалитетно издигнување како кајакар-беа тренинзите и заедничките подготовки со најдобрите словенечки и хрватски кајакари.
-Со нив имав изградено одлични конекции уште кога се натпреварувавме во заедничката држава,продолжува Лазе. Моите контакти и по распадот на Југославија продолжија,па така се случуваше често да бидам во нивните тренинг-кампови и да ме третираат како да сум нивни натпреварувач. Тоа беше од големо значење за мене, зашто да бидам објективен условите за тренинг и подготовки во Македонија беа далеку под потребното ниво за еден врвен спортист. Кај нас многу работи недостигаа, а најмногу – логистиката. За неа говорев и во првиот напис,кога правев споредба за тоа –колку стручни лица се вклучени во работата со еден кајакар кај нив, а колку кај нас. Конкретно јас покрај мене го имав само мојот татко Мичо кој беше алфа и омега во сета работа: од организацијата на патувањата, обезбедувањето средства за учества на трките, па се до тренинзите. Сиот товар паѓаше на него, за разлика од другите држави каде што спортот беше поставен на други многу поквалитетни основи,па во контекст на тоа беше изградена и една голема логистичка поддршка за врвните спортисти.
Но, и покрај тој проблем со логистиката и пошироката поддршка од општествената зедница Лазе Поповски,користејќи ги познанствата и пријателствата од минатото,упеваше да биде во тек со современиот тренажен процес.Така, пред следниот олимписки настап во периодот од 1994 до 1996 година,тој најчесто беше во Словенија,каде со Скок и Веховар ги тестираа кајаците.Токму тоа,му овозможуваше да ја одржува формата и постојано да биде присутен на врвните кајакарски натпревари,бранејќи ги боите на својата земја.
Следен чекор – ОИ во Атланта
По првиот олимписки настап и бројните трки по неа,на кои имаше високи пласмани и веќе не беше непознат во кајакарскиот свет,следна цел на Лазе Поповски беше Олимпијадата во Атланта-1996 година.
За разлика од настапот во престолнината на Каталонија ,каде нашиот олимписки тим отпатува во една неизвесност, дури и со сомнеж дали воопшто ќе му биде дозволено да настапи на Игрите на следниот олимписки собир во Атланта,четири години подоцна патот беше многу помирен и посигурен. Овде, повеќе не постоеше дилемата дали ќе може да се натпреваруваме со светските асови зашто Македонија веќе беше призната,како самостојна и суверена држава. Таа беше рамнопоравна членка на Меѓународниот олимписки комитет и ги уживаше сите права,како другите земји.
-Самиот факт што веќе можевме да настапиме со нашите национални симболи беше мотив повеќе и за нас спортистите,ја продолжува својата олимписка приказна Лазе Поповски. На Олимпијадата во Атланта ги немавме веќе проблемите со кои се судри нашето раководство во Барселона и се беше некако поспокојно. Така и ние спортистите можевме во мир без нервоза да се подготвиме за своите настапи. Инаку, јас добро ја познавав патеката бидејќи на неа настапив и една година порано на предолимпискиот натпревар. Знаев дека е многу тешка,можеби една од најтешките во светот, но токму тоа како да ми даваше дополнителен мотив.
Лазе Поповски во Атланта беше поуспешен од Барселона и се пласираше на пет места погоре – беше 29-ти. Меѓутоа,интересен е еден настан што му остана во сеќавањето,а се случи токму пред почетокот на натпреварите на патеката лоцирана во планинскиот дел на Џорџија.
-Пред стартот беше објавена вест дека кон областа каде што требаше да се натпреваруваме , се наближува торнадо.Од домаќините беа преземени сите безбедности мерки за одбрана од налетот на торнадото,а сите ние подуплашени очекувавме да го видиме тоа „чудо“ што требаше да се случи. Но, од торнадото немаше ништо. Информацијата беше или лажна или пак метеоролозите имаа лоша проценка!
Знаменосец во Сиднеј
Последните две години од минатиот век кајакарскиот спорт во Македонија почна да се доживува како во минатото кога бевме организатори дури и на Светските првенства во слалом и во спуст во 1975 година. Формирањето на Министерството за спорт беше од големо значење за развојот – не само за кајакот, туку воопшто за целокупниот спорт во државата. Се отвораа нови песрпективи,едноставно спортот стана дел од системот и тоа придонесе за подобрување на условите за работа.
-Сета таа новонастаната клима ја почувствувавме и ние спортистите ,вели Поповски и додава:
-Едноставно имавме поголема сигурност,знаевме дека државата стои зад нас.Нам ни остануваше само да тренираме и да ги реализираме нашите планови.
А,следен план или задача на Лазе Поповски беше да дојде до трето учество на Олимпијадите.
-Бројните трки ми овозможуваа да ја одржувам формата. Имавме настапи на сите реки во Европа, а мошне силен беше и ИКАС кој практично беше на нивото на една Балканијада. Во тој период кога се подготвуваа оние списоци за настап на Олимпијадата во Сиднеј, Македонија беше рангирана на 13-тото место во светот,што беше уште еден доказ за нашиот квалитет. Лазе Поповски,како и другите македонски спортисти отпатува многу порано во Сиднеј. Тоа беше неопходно заради акллиматизацијата,а и за запознавање со патеката.И таа,како во Атланта беше мошне опасна и полна со неизвесности.
-Во Сиднеј од голема полза ми беше заедничкиот тренинг со еден од најголемите асови во кајакот на диви води,светскиот и олимписки шампион Томас Шмит,вели Поповски. Едноставно бев почестен што можев да бидам на патеката заедно со него. Сето тоа даде и резултат. По првата трка, во официјалниот олимписки натпревар бев на 10-тата позиција. Тоа беше неочекуван пласман дури и за мене.
Во втората трка се случи нешто што и Лазе и ние што бевме таму не можеме да го прежалиме. Имено, еден од судиите на една врата,и покрај тоа што Поповски регуларно ја мина, му даде негативни поени како да ја допрел! Тоа значеше додавање на секунди на неговото постигнато време и конечен пласман на 17 позиција.
-Бев многу разочаран по трката,но против судиската одлука не можеше ништо да се стори,вели Поповски.Големата шанса пропадна.
Инаку, што е интересно во истата трка Томас Шмит промаши цела врата, но тоа остана неказнето од судијата! Ете и тоа се случи во една значајна трка,во во која се водеше борба за олимписки медал.
Со вајлд карта – највисок пласман на ОИ
Последниот олимписки настап за Лазе Поповски беше најуспешен. Иако на ОИ во Атина отпатува со вајлд ларта,благодарејќи на репутацијата што ја имаше во кајакарскиот свет од претходните години,го постигна највисокиот пласман,беше 16-ти.
-И овде патеката,иако вештачка ( беше изградена на местото од стариот аеродром во Атина), беше многу тешка и носеше многу опасности. Едно мало невнимание или попуштање на концентрацијата можеше да биде фатално,вели Поповски. Меѓутоа,во квалификационата трка влегов без страв,сакајќи да ја оправдам довербата што ми беше овозможено да настапам со вајлд карта. Морам да кажам дека тоа и го сторив со пласманот на високата 6-та позиција.Тоа беше големо изненадување за сите, дури и за мене и за мојот татко Мичо. Но, бевме свесни дека е тоа само еден дел од натпреварот. Она вистинското допрва доаѓаше. Мораше да се оди на ваков пласман и во следната сеанса.
Интересно е дека Лазе Поповски по првиот настап во кој од технички аспект извозе беспрекорно, беше поканет од организаторите на прес-конференцијата на која ги изнесе своите импресии. Ваква чест му беше укажа веројатно и поради фактот што нашиот кајкар во тој период беше меѓу петте најдобри техничари во светот. Тоа на тешката атинска патека најубаво го демонстрираше.
-Сета конференција беше пренесувана и на малите екрани, така што речи си половина час покрај моето име стоеше и името на мојата држава,вели Лазе. Тоа чувство со зборови тешко можам да го опишам, тоа може само да се доживее,беше прекрасно,бев горд…
Меѓутоа,во следниот настап се случи нешто неочекувано. Имено, францускиот тренер кој беше поставувач на патеката, веројатно на барање на своите репрезентативци, направи неколку корекции и ја смени поставеноста на 13-та врата. Тоа за Лазе, а и за многу други натпреварувачи, беше решавачко. Едноставно,никој освен француските кајакари, не очекуваше една ваква драстична промена .
– Така,13-тата врата за мене навистина беше „баксуз“ . Тука направив грешка,загубив драгоцено време во борбата со матицата и надежта за пласман во финалната трка пропадна,вели на крајот од своето навраќање на олимписките настапи Лазар Поповски.
Инаку, истата година Поповски со своите другари од репрезентацијата беше 6-ти во тимското возење 3xК- 1 слалом на Европското сениорско првенство, а беше и 10-ти во Светскиот куп.Сите овие резултати,како и многуте други пласмани меѓу првите тројца на бројните трки ширум светот на Лазар Поповски му обезбедија место меѓу легендите на македонскиот спорт. Тој беше кајакар од висока класа и сите резултати што ги постигнуваше беа посакувани и очекувани.
Спортист на Македонија во 1999
Лазар Поповски со пласманот на 15-тото место на Светското првенство во Шпанија во 1999 година,на олимписката патека Ла Сеу Д Ургел, ја исполни оилимписката норма и стана сигурен патник за Сиднеј.Овој успех придонесе истата година да биде прогласен и за најдобар спортист на Македонијаа. Зад него во изборот за најдобар спортист во државата беше легендарната ракометарка Индира Кастратовиќ и боречкиот ас Могамед Ибрагимов.