Капитенот Кирил Лазаров по денешниот пораз на ракометарите од Шпанија посочи дека ако нешто е добро во овој пораз е фактот дека Македонија мечот го загуби на стартот на вториот дел и дека барем можеле да се сочуваат силите за утрешната пресметка со Исланд која е – финале за нас.
„Одигравме квалитетно прво полувреме во кое како што реков не влеговме со калкулации. Требаше според играта и шансите, да водиме со 3-4 разлика во првиот дел, но тие шанси не ги искористивме. Во второто полувреме, едноставно се случи тоа што се случи и сега времето ќе покаже, а утре ќе видиме дали е за добро или лошо. Утре за нас е финале со Исланд и ако е нешто добро, тоа што ја задржавме свежината. Може да бевме во егал до 59-та минута и да загубевме. Вака, сега да го заборавиме што побргу ова денеска, да се смириме и утре да го дочекаме тој меч. Колку што ги гледав Исланѓаните, тие досега покажаа кваитет, добра селекција се, имаат играчи кои играат во добри клубови. Доста незгодни се, типични Скандинавци. Ќе биде тешко, но ќе дадеме сè од себе за ‘топ 12’“, додаде Лазаров.