Општина Ѓорче Петров преку соопштение објави дека извесно женско лице лажно се претставува и по ресторани и кафеани прави нарачки во име на Општината и на градоначалникот Александар Стојкоски.
„Ве информираме дека извесна Ивана во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавува и појавува во угостителски објекти при што нарачува храна и пијалаци, наводно за општината и градоначалникот. Лицето по извршената нарачка бара фактурите за испорачаната услуга да гласат и да им бидат доставени на фирми кои соработуваат со Општина Ѓорче Петров. За фирмите доставува потребни податоци за изготвување фактура“, велат од Општината. Оттаму додаваат дека презеле мерки за да приберат докази и да го пријават случајот до надлежните органи и апелираат до угостителските објекти да не подлегнуваат на оваа измама.
„Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги“, велат од Општината.