Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ соопшти дека пронашла фалсификувани верзии на вакцината против ковид-19 во Мексико и Полска.
Властите во двете земји ги запленија дозите и со тестирање потврдија дека се лажни. Вакцините пронајдени во Мексико имале лажни етикети, додека дозите од Полска содржеле средства против брчки наместо вакцини, пишува Би-би-си.
Приближно 80 лица на клиника во Мексико добиле лажна верзија на вакцина што не е опасна по здравјето, но не обезбедува заштита од коронавирусот.
Портпаролот на мексиканската влада за ковид-19 Уго Лопез-Гател изјави дека полицијата открила лажни вакцини откако на социјалните мрежи се појавила понуда до 2.500 американски долари за доза. Неколку лица беа уапсени.
Полските власти соопштија дека откриле лажни дози во станот на осомничениот и дека никој досега не ја примил лажната вакцина.