Свадбата на Анант Амбани и Радика Мерчант, односно свадбата на векот, како што ја нарекоа медиумите, беше топ тема во претходните недели. Оваа луксузна тридневна венчавка чинела 600 милиони долари, а собрала дел од највлијателните и најбогатите луѓе во светот.
Сепак, Амбаниеви се соочиле со гласни критики на сметка на нивниот луксузен начин на живот – обвинети се дека немилосрдно трошат огромни суми на пари, додека голем дел од нивните сонародници гладуваат.
Но, ова не е првпат семејството да направи потег кој ја разбеснил индиската јавност и кој остава впечаток на ароганција и незаинтересираност за општото добро. Имено, нивната семејна куќа крие една прилично срамна тајна.
Животот на семејството Амбани во „најгрдата“ зграда на светот, висока 173 метри
Младоженецот, Анант Амбани, е најмладиот син на Мукеш Амбани, најбогатиот човек во Индија, а повремено и во Азија (рангирањето непрестајно се менува). Мукеш Амбани е и сопственик на веројатно најгрдата зграда на светот. Градбата потсетува на недовршена индустриска зграда или на огромен, стар клима-уред, а идејата веројатно била да изгледа футуристички, но крајниот резултат е прилично гротескен.
Оваа зграда всушност е семејната палата на фамилијата Амбани, а иако не изгледа така на фотографиите, всушност е неверојатно висока – има 27 ката!
Меѓутоа, има многу високи тавани, па вкупната висина на зградата е 173 метри, што одговара на висина на облакодер од 60 ката, доколку таваните би биле со стандардна големина.
Завршена е во 2010 година, една е од најскапите вили на светот и во неа живеат вкупно околу 600 луѓе, со оглед на тоа што покрај членовите на семејството, тука е населен и нивниот броен персонал. Ова всушност е огромен имот кој се наоѓа на мал простор, а наместо во ширина оди во висина.
Што има внатре?
На неколку ката постојат паркинзи за повеќе од 160 автомобили, а тука е и колекција на уникатни, скапоцени семејни автомобили. Во зградата се наоѓаат и базени, сала за танцување, театар, кино, храм, а тука е дури и зимска соба, конкретно просторија во која се прави вештачки снег и каде може да се практикуваат зимски спортови.
Тука се и три ката со прекрасни градини, неколку ката наменети за семејните гости и шест ката каде живеат членовите на семејството. Не треба да се заборави ниту спа центарот, потоа трпезаријата за голем број гости, а постојат и 9 брзи лифтови на различни места во зградата кои се со различна функционалност.
Значи, сè што ви е потребно да уживате во животот без да мора да го напуштите овој прекрасен имот. Очекувано, безбедносниот систем е врвен, зградата е исклучително силна и може да ги издржи и најсилните земјотреси.
Патем, зградата е изградена во согласност со индиските архитектонски и езотерични канони и само од индиски материјали. Изградбата била придружена со древни ритуали насочени кон заштита на куќата и оние кои живеат во неа и од сите зла на животот.
Инаку, самата куќа го носи името Антилија. Името е поврзано со древната легенда, која вели дека во 8 век муслиманските Арапи од Африка пристигнале во областа на денешна Шпанија и се населиле на остров во Атлантскиот Океан. На дадениот остров, наречен Антилија, тие основале седум градови и живееле таму во благосостојба, отсечени од целиот свет. Легендата понатаму вели дека Шпанците еднаш сосема случајно налетале на овој остров, но никогаш повеќе не успеале да го најдат. Симболиката е јасна, Антилија е место на целосна благосостојба, отсечено од надворешниот несовршен свет.
Вилата „Антилија“ крие мрачна тајна – еве и која
Овој објект секако е интересен од неколку причини, но крие и прилично „мрачна“ тајна, а се работи за тоа како Амбаниеви го добиле земјиштето. Имено, куќата се наоѓа во престижен дел на градот Мумбаи, на улица во која живее само „кремот“ на општеството. Земјиштето во оваа зона не само што е неверојатно скапо, туку практично невозможно е да се пронајде достапно за продажба.
Но, семејството Амбани успеало да добие парцела од 0,4 хектари … Како? Никому не му е целосно јасно, а претставниците на поранешните и сегашните сопственици сè уште се влечкаат по судовите.
Имено, земјиштето припаѓало на сиропиталиште за деца од сиромашни семејства под надзор на добротворна организација. Никој не дал дозвола за продажба на оваа земја, или барем парите не се слеале во касата на добротворната организација. Сиропиталиштето е секако срушено, не се знае каде завршиле тие деца, а тука само никнала луксузната зграда на семејството Амбани.
Интересно е што живеењето во висококатница не е новост за семејството Амбани; откако дошле до големи суми на пари живеат во високи згради.
Отпрвин, таткото на Мукеш Амбани, по враќањето од Јемен каде што заработил огромно богатство, изградил замок од 14 ката. Сега во таа вила живее братот на Мукеш Амбани со семејството, а тие двајца меѓусебно не разговараат. А, пред да се изгради Антилија, семејството на Мукеш живеело во куќа од 22 ката.