Мајка од Џорџија загинала од глутница кучиња кои ги нападнале неа и нејзините три деца во близина на училиште, неколку дена пред Денот на мајката.
Кучињата го нападнале семејството во четвртокот додека мајката чекала со своите деца на автобуска постојка зад училиште во Китман, соопштија властите.
Кортни Вилијамс (35) била пронајдена мртва во блискиот двор.
„Кога полицајците пристигнаа, наидоа на неколку агресивни кучиња“, изјавија официјални лица.
Нејзините деца биле пренесени во болница со повреди, а нејзиниот син се здобил со неколку исеченици од борбата со кучињата во обид да го спаси животот на својата помала сестра, велат од семејството.
„Кајден ја турна сестра си и ја спаси, но кучињата тргнаа по него“, рекла нивната тетка Кристал Кокс.
Таа сподели неколку вознемирувачки слики од болницата на кои се гледа како момчето страда од неколку длабоки рани на рацете, нозете и главата.
Другиот син истрчал во училиштето додека кучињата го напаѓале неговото семејство и налетал на маж, кој успеал да го спаси од животните и да ги однесе во болница.
Сите три деца сега се опоравуваат дома, пренесува The New York Post.
Се уште не е познато каков тип на кучиња го нападнале семејството, но соседите велат дека долго време се жалат и бараат контрола на животните во областа.
Наредена е обдукција за официјално да се утврди причината за смртта на жената.