Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц се вработи и тоа во САД.
Како што пишува весникот „Естерајх“, Курц од следната година најмногу време ќе поминува во САД, бидејќи се вработил во приватниот сектор, во областа на инвестициите.
Курц најави дека следната година ќе објави детали за новото работно место и за која компанија станува збор.
„Естерајх“ тврди дека веќе е јасно дека Курц на новата работа ќе заработува повеќе отколку за време на неговиот мандат како канцелар.
Како канцелар имал годишна плата од 312.000 евра, а на новото работно место ќе заработува околу половина милион евра годишно.
Курц планира да живее во САД и Австрија со својата партнерка Сузана Тир и неговиот неодамна роден син Константин.
Што се однесува до политиката, Курц очигледно целосно го затворил тоа поглавје од својот живот, а како што пишуваат медиумите, никој од неговото опкружување во моментов не верува во можно враќање на политичката сцена.
Дури и неговата најблиска соработничка, министерката Елизабет Кестингер, неодамна изјави дека не смета на враќањето на Курц.
Иако Курц целосно и го сврте грбот на политиката, сепак одржува добар контакт со сопартијците кои го придружуваа на патот кон политичкиот врв, а многу е заинтересиран за актуелните политички настани.