Организирана криминална група мами граѓани дека нивни деца или внуци убиле малолетник во сообраќајка.
“Ќерка вѝ направи сообраќајка, прегази дете кое почина. Мора да платите пари, во спротивно ќе заврши во затвор“ – со овие зборови непознат машки глас на телефон претставувајќи се како сообраќаен полицаец бара пари од граѓани. Додека тој зборува во позадина се слуша глас на расплачена жена која вика –„Спасете ме, дајте им пари ќе ме затворат.“
Жртвата се согласила да плати пари, а сумата која се плаќа се движи од 2.000 до 10.000 евра.
– 78 годишна жена пријави дека телефонски ѝ се јавило машко и се претставило како полициски инспектор од Скопје. Ја известило дека наводно нејзината внука предизвикала сообраќајна незгода во која загинало осумгодишно дете и за да не оди во затвор ѝ побарал 2.000 евра, кои требала да ги даде на лице кое веќе тргнало кон Свети Николе. Исто така, според пријавеното, околу 12.15 часот пред нејзината куќа со такси возило дошло непознато лице кое ги зело парите, велат од МВР.