Управата за Финансиска полиција до ОЈО поднесе кривична пријава против екс претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски поради сомневање за даночно затајување и фалсификување и уништување на деловните книги.
Како што се наведува во соопштението од Финансиската полиција, делата за кои се товари екс претседателот на ФФМ се сторени во перидот од 1 јануари 2017 до 27 февруари 2018.
Ѓорѓиоски, според Финансиската полиција, „свесно и со намера во име и на сметка на ФФМ прикажал лажни и невистините податоци во завршната сметка за 2017 кои на 27 февруари 2018 ја поднел до УЈП и Централаниот регистар“.
Делата за кои се сомничи Ѓорѓиоски се дека тој во сметководствената евиденција не извршил отпис на ненаплатени побарувања од купувачите постари од три години и тоа од ликвидиран непостоечки субјект АД Тобако Скопје во износ од 10.639.293 денари и од АД Југохром Јегуновце во износ од 6.169.832 денари.
На ваков начин како што велат од Финансиската полиција, Ѓорѓиоски ја зголемил даночната основица од непризнаените расходи за даночни цели , за кој износ не пресметал и не платил данок на добивка со што ФФМ остварила противправна корист од 1.680.912 денари.