“За некого МАЈКА, за некого МАЌЕА вели старата народна поговорка.
Што сака да каже поговоркава?
Нема да се трудам да објаснам или да се одбранам, поедноставно е кога кажувам дека сум лоша, зошто оној кој покажал прст кон тебе да те окриви, во себе веќе верува дека си крива, не му треба твоето оправдување.
Затоа велам ДА!
Крива сум, што неизмерно сум заљубена во човек чие дете ме има за маќеа, крива сум што го карам и учам како треба, а како не, исто како да е свое, крива сум што имам среќа да бидам и прв и трет родител, што го штитам од невољи, играм и пеам гласно и го учам да живее со полни гради љубов и среќа…
Понекогаш сум крива што кога создавам, создавам за двајца, менувам дневен (неделен) распоред заради идеите и желбите на оние кој што се први,
крива сум што ме боли кога сум покажана со прст и кога јас сум негативката во приказните на другата страна. Како може лошите да имаат чувства?
Крива сум што ми е криво кога мојата улога е негативна во сите приказни и книги за деца, крива сум кога сакам да ја покажам и другата страна, онаа мојата.
Крива сум кога ќе кажам дека сум, зошто ли морам да спомнувам, чувај си го тоа длабоко во себе како да е грев.
А најкрива сум што несебично го поделив срцето на 3 за да има место за сите тројца подеднакво!
Ова е пост посветен на сите маќеи и очуви што секојдневно го носат наметнатиот товар од општеството кое вели КРИВ СИ и кога не си, зошто едноставно, така треба! За сите кои израснале посиноци и поќерки како свои, а никогаш не добиле признание за тоа.
За оние од кого земам пример и се поклонувам до земја за храброста и умешноста со која се справуваат со проблемите во животот, и сепак останале исправени и чекорат горди!“ напиша Николовска на својот Инстаграм профил.