Наскоро во Србија покрај американско-германската вакцина „Фајзер-Бајонтек“ и рускиот „Спутник V“, ќе пристигне и кинеската вакцина против коронавирусот на компанијата „Синофарм“. Граѓаните ќе можат да изберат која вакцина ќе ја примат, а познатиот српски епидемиолог д-р Радмило Петровиќ за Курир.рс смета дека сите тие вакцини се ефикасни. Сепак, главната дилема на оние кои се заинтересирани за имунизација е која вакцина да ја изберат.
“Во секој случај, потребно е да се вакцинирате што е можно поскоро за да започнете да создавате имунитет и заштита што е можно поскоро. Фајзер е генетска вакцина која го стимулира телото да произведува скок на антитела. Руската вакцина е хибридна вакцина, каде што РНК се пресадува на аденовирус, додека кинеската вакцина се базира на мртов коронавирус. Јас сум најголемиот поддржувач на ваквиот вид „мртва“ вакцина, бидејќи го содржи целиот вирус со сите антигени, па затоа се создава најадекватен имунитет“, изјавил д-р Петровиќ.
Според него, граѓаните кои имале коронавирус може да одлучат да добијат „Спутник V“.
„Тоа е вакцина која спаѓа во категоријата ‚живи’ вакцини и, во некои случаи, кај пациенти кои имале коронавирус и имаат поголем број на антитела, доволна е една доза за зајакнување на имунитетот што веќе го имаат. Оние кои не ја прележале короната можат да земат ‚Фајзер’. Оваа вакцина е најдостапна за нас и произведува добар имунитет. Би ја препорачал кинеската, инактивирана вакцина на хронични пациенти, бидејќи има најмал ризик од несакани ефекти. Станува збор за класична вакцина, која не може да ја влоши основната состојба“, рекол Петровиќ, додавајќи дека сите заинтересирани за вакцината треба да се подложат на општ преглед пред вакцинацијата, а хроничните пациенти треба да им дадат на лекарите детални информации за нивната состојба.