Македонскиот кошаркарски репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој во моментов настапува за тимот на Пелистер, е еден од повредените во тепачката што се случи завчера на скијачките терени во Маврово.
Во тепачката учествувале две групи, едната од Гостивар во која бил и Стојан Ѓуроски и неговиот брат заедно со уште две лица и другата група од Косово. На тепачката и претходела вербална расправија поради непочитување на редот на ски-лифтот од страна на групата од Косово која потоа ги нападнала браќата Ѓуроски и пријателите.
Според очевици, Стојан Ѓуроски бил удрен со скија по раката, која му била повредена, поради што морал да биде однесен на лекарски прегледи. Тој прво е пренесен во гостиварската болница, а потоа и во клиничкиот центар во Скопје, додека полицијата останатите учесници во тепачката ги задржа во полициската станица во Гостивар, се до целосното расветлување на случајот.
Кошаркарот на Пелистер сега се чувствувал добро, повредата му е санирана, но засега не е познато колку време ќе отсуствува од кошаркарскиот терен.